Евроинтеграцијата не зависи само од нас и не е добро да се лицитира со датуми, затоа што не можеме да предвидиме точно кога ќе се случи. Нам ни е цел првото наредно проширување, кога и да се случи, Македонија да биде дел од тоа проширување и тоа е достижно ако работиме интензивно на имплементација на стандардите на ЕУ и доколку ги водиме преговорите како што треба со ангажман на институциите и целото општество, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

-Ако ги гледате извештаите на ЕК, Македонија анализирано по кластери стои подобро или еднакво добро во најголем дел од кластерите со државите кои веќе преговараат 10 години. Тоа значи дека ние не сме го изгубиле времето во чекална и дека сме работеле интензивно на усогласување и на прописите и на праксата, на нивно имплементирање. Секако дека имаме многу работа, далеку од тоа дека работата е завршена но треба да си поставиме амбициозни цели за да можеме да исполниме во некој реален рок. Гледано, најоптимистички оваа рамка за претпристапна помош завршува 2027 година и ние треба да работиме и да се бориме наредната претпристапна рамка да важи за што помалку држави, односно да бидеме држава членка, вели Маричиќ запрашан за оптимизмот на премиерот Ковачевски дека очекува побрза интеграција по примерот со НАТО.

Тој потсети на порано презентираниот календар, кој е заеднички подготвен со Брисел, според кој скринингот ќе започне на 15 септември, а ќе трае до крајот на 2023 година. Во тек е интензивна комуникација со Брисел и се прават забрзани подготовки и во тренинг центарот на СЕП.

-Планираме заедно со претставниците во Брисел по летните одмори веднаш да започнеме со обука на нашата администарција и на оние кои ќе учествуваат во првиот кластер – темелни вредности, да започнеме и со објаснување на методологијата и со објаснување на процесот на скрининг. Тоа ќе биде тековна работа на Тренинг центарот се до завршување на преговорите, рече Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.