Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ гостуваше заедно со пратеникот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во дебатната емисија „Детектор“ во која порача дека она што Бугарија го бара од нас е токму она што е впишано во преговарачката рамка, а тоа е да ги впишеме Бугарите во Уставот како заедница и дека не е може да се зборува за нешто друго ако не ни стои како обврска во преговарачката рамка.
– Мислам дека е навистина неодговорно да се претставуваат работите како што не се. Јас ви тврдам дека не постои друга држава освен Бугарија којашто имаше дилема околу нашето почнување на преговорите. Ние ги почнавме преговорите со условот да го смениме Уставот до крајот на скрининг процесот, тоа беше редот на нештата, не можеме сега да измислуваме дека имаме некакви други или дополнителни барања, рече Маричиќ.
Околу македонскиот јазик и идентитет вицепремиерот увери дека нема никаква дилема и сила што може да нè загрози нас во ЕУ и дека „не ВМРО-ДПМНЕ не СДСМ, кој било да е на власт нема да прифати менување на јазикот и идентитетот“, посочувајќи дека имаме добиено верификација да си го нарекуваме својот јазик македонски и дека во Брисел на скрининг состаноците се говори на македонски.
Во однос на политиката на Бугарија, Маричиќ посочи дека „најголем македонски интерес е да станеме членка на ЕУ“, бидејќи како што вели тој само така ќе имаме гаранција дека ќе престанат бугарските уцени и негирања.
– Бугарите се обидоа да ни го оспорат јазикот и во НАТО, не успеаја затоа што сме таму членка. Се обидоа и во Обединетите нации и таму не успеаја, се обидоа и во ОБСЕ. Тоа е за нас решено прашање, бидејќи сме договориле формула дека во преговарачката рамка ќе стои македонскиот јазик и дека правото на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик и дека Бугарија на усвојување на преговарачката рамка не се противи, туку вложува своја нота исто како и во многу други ситуации, рече Маричиќ, посочувајќи го договорот од Фронтекс кој го потпишавме на македонски, дека Бугарија не го спречи, туку дека го потпиша и таа.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, кој често е во Брисел и во комуникација со високи претставници на државите членки на ЕУ, на обвинувањата од Николоски дека има други држави кои сметаат дека не треба да ги продолжиме преговорите, Маричиќ уверува дека не познава друга држава која е против освен Бугарија и тоа дека „се покажало и на заклучоците, а се покажало во многу ситуации дека Бугарија останала сама, без поддршка.“
За презентираните резултати од анкетата поврзана со уставните измени, Маричиќ рече дека сега сите треба да заземат поодговорна позиција, повикувајќи се на атмосферата кај граѓаните за Преспанскиот договор, која покажа како што вели тој дека чекањето нема да ни донеси подобри позиции, туку напротив се влошува.
– Да сме го решеле спорот со Грција 2008 можеби ќе го решевме со двојна формула, да сме го решеле 1993 можеби ќе сме го решеле само со цртичка и додавање на името на главниот град до Република Македонија, меѓутоа не сме го сториле тоа мислејќи дека чекањето ќе ни донесе подобра позиција. За жал времето покажа дека не сме биле во право и дека чекањето како стратегија оди на штета на Македонците и на штета на Македонија, затоа сметам дека треба имајќи го ова искуство сите да земеме поодговорна позиција и да го решиме прашањето за уставни измени, затоа што сум убеден дека за многу кратко време ќе согледаат граѓаните дека нема апсолутно никаква негативна последица, уверува Маричиќ.
Маричиќ објасни дека борбата во преговарањето при подготовката на преговарачката рамка не била „да ја убедиме Бугарија во тоа кои сме и што сме“, туку „да ја убедиме ЕУ, односно другите 26 држави членки, и во тоа успеавме, да не ја преземат политиката на Бугарија како европска, да не биде негиран македонскиот јазик и обидите за негирање на идентитетот да се доведат на ниво на европска политика.
– Алтернативите беа да имаме како случајот со Србија и Косово Поглавје 35, посебно поглавје, бугарско поглавје што јас сметам дека дел од политичките структури во Софија го посакува, рече Маричиќ, укажувајќи дека успеале во најважното, работата на историската комисија да не биде мерило за напредок и дека Протоколот во една голема мера се однесува на билатерални точки и на мерки коишто едноставно можеме да ги спроведеме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.