Претседателот на Македонската академија на науки и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов и претседателот на Одборот за акредитација на високото образование, Марјан Ѓуровски, остварија работна средба на која се разговараше за состојбата во високото образование и за воспоставување заедничка соработка во функција на подигнување на квалитетот и развојот на високото образование во земјата.

На состанокот беше констатирана потребата од интернационализација на македонскиот високо образовен систем, зајакнување на стандардите и капацитетите на високо образовните институции со посебен фокус на студиските програми и продуктот кои тие го даваат како дипломирани студенти за потребите на општеството и бизнис заедницата.

МАНУ и Одборот за акредитација на високото образование се очекува да потпише меморандум за соработка за поблиска соработка со заеднички научно-истражувачки проекти и организирање заедничка научна конференција посветена на состојбата, предизвиците и развојот на високото образование, информираат од Одборот.

На работната средба присуствуваа потпретседателот на Одборот за акредитација Куштрим Ахмети и академик Марјан Марковиќ, член на Одборот за акредитација на високото образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.