Помина повеќе од еден месец откако е прекинат образовниот процес за малолетниците кои се на издржување мерка во воспитно-поправниот дом во тетовска Волковија и нема најава кога ќе продолжи. До 10 октомври имаше образование кое што беше организирано од МОН и УНДП со склучен договор со средното училиште „Макаренко“ од Скопје.
Проектот заврши и прекинаа договорите на наставниците кои ја изведуваат наставата во нашиов дом. Сега сме во контакт со министерот бидејќи образованието треба да биде организирано од Министерството за образование. Ние како институција сме должни да обезбедиме само услови за да се одвива образованието. Се работи на некои точки, членови од законот за возрасни, треба да бидат променети да тимски да се реши проблемов во нашава институција со образованието. Односно да има основно образование, основно училиште да има во самата институција да биде тука да не доаѓаат наставници од надворешни училишта и се надевам дека наскоро тој проблем системски ќе биде решен и ќе бидеме целосно покриени со образование, вели директорот Даниел Антовски.
Вработените во домот уверуваат дека додека се чека да продолжи образовниот процес продолжуваат обидите на воспитувачите да направат успешна ресоцијализација на малолетниците. Според нив во домот има солидни услови кои може да доведат до успешна социјализација на децата.
За да биде успешна ресоцијализацијата потребно е и постпеналниот прифат да биде соодветен. Треба да бидат вклучени Центрите за социјална работа најповеќе, судот исто може да има влијание. Ние шест месечните извештаи што ги праќаме за секое дете, ги праќаме до Судот и до центарот. Судот е информиран за превоспитниот период за секое дете за тие шест месеци и исто така и центарот. Ние три месеци пред отпуштање на секое дете имаме соработка со Центрите за да тие најдат начин да му помогнат на семејството, изјави Снежана Трајановска, воспитувач во одделението за третман.
Од МИА разговарале со штитеник во домот кој има 19 години, а издржува мерка над две години, односно досега 25 месеци. Со тоа што бил вклучен во обуките за занаети, вели дека почувствувал промена во животот и смета дека е подготвен за нормално функционирање во иднина.
Од самиот почеток сум остручен како водоинсталатер, ова ми е плус како хоби работа на изработки од дрво. Во домот ги имаме сите услови, многу работиме одработивме. Имаме направени летниковци, клупи, маси, столови, се што има во склопот на домот го имаме самите направено со подршка на вработените. Чувствувам голема промена кај мене, дека сум многу повеќе ресоцијализиран за разлика од кога дојдов. Стекнав работни навики, вклучен сум повеќе пати во семинари, како застапник за правда на децата, Мислам дека сум спремен за понатаму кога ќе искочам да си најдам ново работно место и да продолжам со нормален живот, вели младиот човек.
МИА во текот на 2022 објави серијал на стории со кои постојано ја следи состојбата во однос на образованието на малолетниците. Преку сториите, „Децата упатени во Воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“, „Антоски за МИА: Очекуваме наставата за штитениците во ВПД-Тетово да почне месецов“, „Со доследно применување на Законот за правда на деца до намалување на деликвенцијата“, „Образованието на децата во Воспитно-поправен дом бара системско решение“, „Една година „воспитување“ без образование за штитениците во ВПД, се очекува процесот да продолжи во септември“ и „За иста мерка, момчињата во Воспитно-поправен дом, девојчињата во затвор“, МИА откри дека во воспитно-поправните установи во земјава нема образовен процес веќе цела година иако, според закон, е задолжителен, и дека девојчињата кои ја издржуваат оваа мерка, за разлика од момчињата, се сместени во несоодветни услови во адаптирана соба во ходник во рамките на КПУ Идризово.
Образованието на овие ученици по едногодишната пауза во јуни 2022 година повторно почна да се одвива, но беше прекинато на 10 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.