Претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското Министерство за надворешни работи, наскоро ќе заминат во посета на Париз на средба со шефот на француската држава Емануел Макрон, кој ќе им презентира предлог за укинување на ветото на Софија за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, објави БГНЕС, повикувајќи се на извори во партиите членки на бугарската владина коалиција.
Според изворите на бугарската агенција, за оваа посета биле информирани на седница на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија, одржан во петокот, на која главна тема беа односите на Софија со земјава.
На седницата на Советот, претставник на бугарската Влада информирал дека од Софија добила ветување од Париз дека „сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија и дека нивното спроведување ќе го гарантира лично Макрон“.
Ова во пракса значи дека целосно му веруваме на Макрон, но во исто време ризикуваме да западнеме во децениски спор, бидејќи секоја од земјите членки ќе може да блокира каква и да било одлука. Тоа ќе биде бесконечен спор, а ние не сакаме турска варијанта, изјавила еден од изворите на БГНЕС, учесник на седницата на Советот.
Според друг учесник на седницата на Советот, францускиот план содржи предлози кои не се целосно јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина.
Изворите посочуваат дека Франција инсистира на ваквото решение „поради желбата на Украина да започне преговори за членство во ЕУ“, а би претставувало многу лош сигнал ако Киев добие покана, а Македонија и Албанија продолжат да чекаат. Планот на Макрон мора да биде готов пред заседанието на Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ, но претходно треба да биде одобрен од бугарското Министерство за надворешни работи, посочува изворот.
Бугарија многу повеќе од самата Македонија, а да не зборуваме за Франција, која прва ја блокираше Македонија, сака властите во Скопје да започнат преговори за членство во ЕУ. Решението е можно и може да се најде многу брзо, доволно е да постои минимална волја од страна на делегациите на двете министерства за надворешни работи, додава еден од изворите на БГЕНС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.