Во голема меѓународна акција откриена е инвестициска измама со употреба на криптовалути на која жртви биле стотици илјади лица од целиот свет. Еден од центрите од каде се вршела измамата, според сомненијата е и Македонија.
Станува збор за акција која ја координираа Европравда и Европол, а вчера и завчера (8 и 9 ноември) акцијата била спроведена во Македонија, Албанија, Бугарија, Грузија и Украина. Биле претресени 15 кол-центри, а уапсени се пет осомничени.
Од нашите институции во акцијата учествувале еден обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и 28 полицајци од МВР. Претрес бил извршен во еден од 15-те кол-центри и засега нема уапсено лице. Петмината уапсени за кои соопшти Европравда се во Албанија – четворица и во Грузија – еден.
Претресите во останатите 14 кол-центри, пак, биле во: Албанија – 6, Грузија – 5 и Украина 3.
Осомничените се претставувале како брокери кои со мали инвестиции може да им помогнат на инвеститорите да заработат големи суми пари. Во реалноста организираната криминална група ги измамила жртвите на начин што ја стекнала нивната доверба преку Интернет и преку професионално поставените центри за повици или други начини на т.н. социјален инженеринг. Со ова тие ги охрабрувале жртвите да инвестираат преку веб-платформи кои всушност се контролирани од криминалната група и на тој начин последователно губеле големи суми пари, соопшти Европравда.
Оттаму потенцираат дека станува збор за истрага чиишто размери се без преседан. Собраните докази покажуваат дека измамите почнале најмалку од 2016 година и досега се проценува дека има стотици илјади жртви ширум светот. Проценките се оти на годишно ниво, групата правела штета од 50 милиони евра.
Истрагата за оваа онлајн измама се води од 2018 година, а во моментов се отворени судски случаи во седум земји.
Во претресите претходните два дена биле запленети над 500 електронски уреди (компјутери, лаптопи, хард-дискови, УСБ), над 340 00 евра во кеш, неколку мобилни телефони, „паричници“ со криптовалути, имоти, лични документи, банкарски картички и стотици други документи.
Во соопштението објавено по спроведената акција, од Европравда на потенцијалните инвеститори ги советуваат да бидат дополнително внимателни кога прават онлајн инвестиции во криптовалути и да проверат дали веб-платформите каде вложуваат им припаѓаат на легални компании или не.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.