Лидерите на Демократскиот сојуз (ДС) и на ЛДП го поздравуват синоќешниот предлог на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, како и тоа што сега за опозициската партија е прифатливо воведување една изборна единица.

„Демократскиот сојуз оценува дека е добро тоа што покрај СДСМ, сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за демократизација на изборниот процес, за една изборна единица,како и за намалување на бројот на пратеници. Полека се гради консензус околу реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии. Бараме за измените на Изборниот законик најитно да се закаже расправа во Парламентот и да се донесат промените“, велат од ДС.

И претседателот на ЛДП, Горан Милевски, потсетува дека неговата партија уште во 2010 ја промовирала идејата за намалување на бројот на пратеници на 90. Сепак, вели тој, добро е што и другите партии конечно се свесни дека ни се потребни мали и ефикасни институции.

Предлогот на Мицкоски даден при вчерашното негово гостување во емисијата ’360 степени‘ на Алсат ТВ, е копија на предлогот на ЛДП кој е даден уште пред 12 години. Ние знаеме дека идеите на ЛДП во моментот на предлагање се неразбирливи и неприфатливи, но добро е да се знае дека сме пред времето со нашите ставови. Се радуваме што и другите политички чинители конечно разбираат дека на македонската држава и требаат мали и ефикасни институции, вели Милевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за намалување на бројот на пратеници и една изборна единица зборуваше синоќа во интервјуто „360 степени“. Со вакви промени, смета Мицкоски, ќе се намали бројот на привилегирани пратеници, а со тоа и фрустрацијата на граѓаните.

Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, слично како словенечкиот концепт, како и воведување на една изборна единица. Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тој делува премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ. Со намалување на бројот на пратеници на 90, ќе се намали и бројот на привелигирани пратеници. Ние сме и за воведување на една изборна единица, бидејќи имаше и други политички партии кои го поддржуваат тој концепт. Подготвени сме за овој концепт, рече Мицкоски.

На прашањето – дали овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е искрен, со оглед дека партијата досега се залагаше за мнозински изборен модел, Мицкоски рече дека тој предлог не ја добил поддршката од другите политички партии, па поради тоа и тие се откажале од таа идеја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.