Премиерот Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати во Европскиот Парламент пред групата на европратеници, членови на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи на дебата посветена на проширувањето на ЕУ.
На обраќањето присуствуваше и вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање зборуваше за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, политиките кои ги спроведува Владата и кои нудат солидарност, социјална правда и еднаквост, олицетворени преку мерките за поддршка во справувањето во услови на зголемени трошоци на живот, инвестициите во енергетиката, инфраструктурата и во другите области кои ги донесе Владата.
Ковачевски воедно говореше за посветеноста на Владата да ја придвижи земјата на вистинскиот европски пат.
„Членството во Европската Унија игра клучна улога во консолидирањето и унапредувањето на македонскиот идентитет. Слично како и другите европски нации, членството во ЕУ нуди трајна заштита на македонскиот идентитет и во европски и во глобални рамки. Скрининг процесот беше тежок државнички процес, но претставува најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Оценките кои ги добиваме од ЕК се одлични. Нашата подготвеност и транспонираност на европското законодавство е на завидно ниво“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека со поглавјата 30 и 31, Македонија успешно го завршува скрининг процесот, а извештајот ќе биде патоказ за забрзување на трансформацијата на општеството што ќе биде единствено возможно преку процесот на преговори со ЕУ.
„Членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не и невозможна цел. Владата предводена од СДСМ има искрена и јасна намера успешно да го заврши процесот. Владата има јасен план и поставена цел кои се дополнителна движечка сила побрзо да чекориме во реформирањето на општеството. Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет, силна волја, затоа треба да го направиме тоа, не поради Европската Унија, туку поради нашите граѓани. Подготвени сме за овој предизвик и испит, а имаме и целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Вашето присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Македонија ја гледате како идна земја членка на Унијата“, рече премиерот.
Европарламентарците од неколку земји членки на ЕУ, упатија позитивни коментари за европскиот напредок на Македонија. Според нив, Македонија е успешен пример за мултикултурно општество како за регионот, така и за Европа, и со тоа на свој начин допринесува во забрзувањето на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија. Европратениците констатираа дека во изминативе неколку години, земјата посветено работеше на реформи во социјалната, економската и сферата на владеењето на правото и ја истакнаа силната поддршка на европратениците Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент на тој пат.
Ковачевски во своето излагање ја истакна и важноста на Планот за раст, кој Македонија мора да го искористи, бидејќи преку него ќе се поттикне економски напредок, отворање на нови работните места, подобрување на животниот стандард на граѓаните и ќе се отворат можности за нашите компании за пристап до делови од единствениот пазар на ЕУ дури и пред приклучувањето во Унијата.
„Со членството во ЕУ, Македонија ќе има можност да добие пристап до важни делови од единствениот европски пазар, оваа прилика мораме да ја искористиме, а за тоа имаме и целосна поддршка од ЕУ. Нашата социјалдемократска политика нуди пат на напредок, со крајна цел е членство во ЕУ, бидејќи Северна Македoнија таму припаѓа. Македонија треба да е дел од заедницата на вредности“, изјави Ковачевски.
Претседателот на Владата Ковачевски се заблагодари на европратениците од групата на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи за поддршката на интеграцијата на Македонија во ЕУ и порача дека нивните колеги, пратениците во Собранието на Македонија се исправени пред голем предизвик и постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики.
„Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики. Без разлика на партиската припадност пратениците се избрани од граѓаните, затоа мора да покажат конструктивност во име на граѓаните, мора да покажат единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество. Пратениците во Македонија добиваат мандат од граѓаните и работат согласно Устав, Закон и Деловник и носат одлуки кои што според Уставот, Деловникот и законот и тоа е улогата на секој пратеник, бидејќи граѓаните на денот на избори им го предаваат тоа право, обврска и одговорност на пратениците. И се што е во рамки на Уставот, на Законот и Деловникот тоа пратениците го работат. Така било, така е и така ќе биде и во иднина“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека СДСМ како владејачка партија во Македонија во изминативе 7 години ја врати социјалната правда и рамномерна распределба на буџетските средства со цел намалување на социјалната нееднаквост.
„И во време на најголема здравствена економска и енергетска криза клучни приоритети ни беа социјалната заштита, подобрување на економскиот и општествениот стандард. Преку нашите социјалдемократските политики ги вративме граѓанските права и демократијата, со што овозможивме транспарентни и отворени државни институции и еднакви права и можности во нашето општество. Граѓаните во нашата држава се свесни за позитивното влијание на овие политики, бидејќи директно и позитивно влијаат врз нивните животи. Во овие турбулентни времиња, владата им даде поддршка на компаниите, земјоделците и ранливите групи, обезбедувајќи ја нивната издржливост и овозможувајќи им да ги надминат предизвиците што се на располагање. Веќе 7 години не само македонското општество, туку и меѓународната заедница ја вреднува нашата политика заснована на солидарност, хуманост и меѓусебното почитување, што всушност се основа Социјалдемократски вредности на кој што почива нашето делување, работење и функционирање како политички субјект во Република Македонија“, рече Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.