Премиерот Димитар Ковачевски, во вчерашното гостување во 360°, навести дел од контурите во кои може да се бара потенцијалниот компромис меѓу Софија и Скопје, кој би донел деблокада на евроинтеграциите и отворање на патот за одржување на првата Меѓувладина конференција. Станува збор за можноста за вметнување на бугарската заедница во Уставот до отворањето на првиот преговарачки кластер, период кој би одзел од една и пол до две години од моментот на одржувањето на првата Меѓувладина конференција, во услови на чисто решение за македонскиот јазик во Преговарачката рамка.

360°: Ако се воспостави една релација во којa Македонија добива чисто решение за јазикот, а Бугарија добива најава-ветување за промена на Уставот со вметнување на Бугарите до отворање на првиот кластер, а тоа е година и половина до две од одржување на првата Меѓувладина конференција, дали тоа за вас е добра основа за компромис?

Ковачевски: „Прво, тоа е добра за основа за разговор од причина што за јазикот, јас веќе кажав, и за идентитетот, од секој аспект на македонскиот народ, ниту се преговара, ниту ќе биде предмет на преговори. Граѓаните во тој дел можат да бидат спокојни. Во однос на Уставот – нашиот Устав, односно уставното уредување, дозволува индивидуалните права на самоопределување да се остваруваат колективно. Дополнително, секој држава која претендира да влезе во ЕУ на патот кон Унијата го отвора својот устав со цел да го прилагоди на законодавството во ЕУ бидејќи одредени надлежности се предаваат на ЕУ и европските институции. Вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, и тука не зборуваме само за Бугарите, туку и за Хрватите и Црногорците, нормално дека ќе помине низ една процедура на уставни измени, а таа трае подолго зашто се отвора во еден момент, а потоа стручната јавност, партиите низ една дебата во парламентот го затвораат тој процес со двотретинско гласање во парламентот. Значи, тој процес мора да биде поддржан практично од сите политички партии во државата и тоа е начинот да бидат направени уставни измени.“

360°: Но, не на крај на пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, туку пред отворањето на првиот кластер?

Ковачевски: „Па, тоа се детали за кои може да се разговара, меѓутоа во моментот не постои документ кој е финален.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.