Најважно е процесот да продолжи. САД нема врз никого да врши тортура, а дебатата за уставните промени покажува дека станува збор за тешко прашање и дека ќе се дебатира толку долго колку што е потребно за да се донесе правилна одлука.
Ова се главните поенти од прес-конференцијата по денешната средба на заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар со премиерот Димитар Ковачевски.
На прашањето за почетокот на уставните промени, Ескобар воздржано изјави дека САД се задоволни од тоа што процесот почнал и се надеваат дека ќе продолжи.
Новинарите го прашаа Ескобар да ја прокоментира изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека странски дипломати вршат тортура врз опозицијата да ги прифати уставните променe.
– Сакам јасно да посочам дека САД не избира влади во земјите на НАТО, меѓутоа поставуваме очекување и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака која што ширам во регионот – САД ги гледа како природни партнери оние кои што се посветени на евроинтеграциите, НАТО и на борбата против корупција. Исто така, сакам да слушнам и да имам многу отворена размена на гледишта и се надевам дека ќе имаме повеќе по состанокот да ѝ кажеме на јавноста – рече Ескобар.
Ковачевски на прес-конференцијата изјави дека нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка.
– Она што ние треба да направиме како политичко лидерство е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Македонија во полноправно членство во ЕУ. По членството во НАТО, Македонија треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи Европската Унија е нашата единствена алтернатива и директен интерес на граѓаните и барање на граѓаните – рече Ковачевски.
Тој изрази благодарност за придонесот на САД во сите процеси, како и за личните заложби на Ескобар, како во однос на развојот на Македонија, така и во неговите лични заложби за унапредување на регионалната стабилност на Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.