Премиерот Димитар Ковачевски вечерва најави дека утре во Атина на неформалната средба што ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за лидерите од Западен Балкан, ќе има формален состанок со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

– Претседателката на ЕК од прва рака ќе може да се информира од мене за текот на уставните измени, иако таа веќе ги има сите информации, и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето, дека процесот започна, дека започна со 73 гласа за изгласување на дневниот ред во однос на уставните амандмани, и оти стана многу јасно дека СДСМ и Коалицијата, европската коалицја, се за продолжување на европската интеграција на Македонија, меѓутоа дека опозицијата повторно, како што било и во минатото, е за блокада на патот на Македонија во европските интеграци, исто како ш-то беше и против залченувањето на Македонија и во НАТО, рече Ковачевски во гостувањето во Тема на денот на ТВ Сител.

Тој оцени дека Собранието има капацитет да донесе уште една голема стратешка одлука за граѓаните на државата, пред се за иднината на граѓаните, со која, како што рече, ќе го започнеме отворањето на кластерите, по успешното завршување на скрининг процесот и до 2030 година државата да стане членка на ЕУ.

На прашањето како планираат да ја пробијат блокадата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени во следните неколку седмици, премиетот повтори дека ова прашање како никогаш досега е од стратешки интерес како за Македонија, така и за ЕУ, во светло на геополитичките случувања во Европа со војната во Украина.

-Тоа е едно од прашањата кои се високо на агендата и за САД. И не случајно тука беше еден од нивните најпроминентни сенатори, Марфи. Потоа имав средба со државниот секретар Блинкен, и не случајно и претседателката на ЕК и на ЕС и голем број претседатели и премиери имаа говор во нашето Собрание. Што значи дека се работи за заеднички стратешки интерес, како ретко кога досега. И првпат досега се случува ветото за нашата држава да не доаѓа од надвор, туку да доаѓа од внатре, и тоа од истите луѓе од кои секогаш имало блокади, рече Ковачевски.

Додаде дека ова е почеток на процесот, каде што можеа да се видат ставовите на политичките партии.

-Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ реши да не определи свој пратеник од политичката партија да ги изнесе нивните ставови, туку ставовите на нивната пратеничка група и коалицијата ги изнесе независен пратеник, што исто така, остава простор да се разговара нормално на сите нивоа со ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се убедат дека сега е моментот да се донесе оваа важна одлука, бидејќи сега е годината кога прво – можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција и второ – е пред изборите во ЕУ идната година, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.