Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на свеченоста по повод одбележување на денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „САЕ – ТИГАР“.
На свеченоста присуствуваа и Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска – министерка за одбрана, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски – началник на Генералштаб на Армијата на Република Македонија, Виктор Димовски – директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу – директор на Агенцијата за разузнавање, и други високи претставници на Министерството за внатрешни работи и на останатите министерства, како и во присуство на високи гости од дипломатскиот кор во земјата.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека оваа свеченост е во чест на значаен ден од историјата на нашите безбедносни единици, и дека Специјалната антитерористичка единица денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал.
Припадниците на оваа единица се олицетворение на професионалност. Единицата Тигар, како колектив е збир на максимално посветени, врвно обучени поединци, со максимална храброст и подготвени да се спротивстават на секој предизвик кој може да биде закана за безбедноста на земјата и граѓаните“, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.
Тој дополни дека со нашето членство во НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Македонија го адаптираше воено-безбедносниот систем според стандардите на НАТО и дека во таков систем според највисоките стандарди на алијансата, свое значајно место има и Специјалната антитерористичка единица која е оспособена во борбата со насилниот екстремизам и тероризам да спроведува највисоките борбено-технички вештини.
Специјалната антитерористичка единица е гарант на еден од приоритетите на нашата држава како што е борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам. Тој приоритет ја вклучува заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја“, посочи премиерот Ковачевски.
Во текот на изминатите 41 година, од основањето на единицата до денес, таа постојани ги следеше современите безбедносни предизвици.
Претседателот на Владата Ковачевски потенцираше дека е уверен дека Специјална антитерористичка единица – Тигар ќе го продолжи да биде високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба за заштита на мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на нашата земја.
Вие и вашата едница испраќаат силна порака дека Република Македонија има добро подготвен и функционален систем за национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на свеченоста по повод денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „САЕ – ТИГАР“, со честитките во име на Владата и на граѓаните на нашата земја им посака успеси во извршување на задачите на припадниците на оваа формација.
Министерот Оливер Спасовски во неговото обраќање укажа дека Специјалната антитерористичка единица ТИГАР, од аспект на професионализмот и стручноста на нејзините припадници, претставува вистинска гордост не само на МВР, туку генерално на Република Македонија, како еден од есенцијалните сегменти на елитните структури на министерството.
Не само декларативно, туку и конкретно тежнееме кон динамична модернизација на безбедносниот сектор, а сите наши заложби, безусловно, се свртени кон негово сеопфатно реформско развивање. Како една од најсложените во безбедносната структура на Министерството се грижиме секогаш да биде целосно подготвена, крајно ефикасна и остручена, технички и кадровски опремена до перфекција, а сето тоа во име на Специфичните, сложени задачи и динамични предизвици што пред неа се поставуваат во секојдневното работење“, нагласи Спасовски.
Министерот Спасовски уште додаде дека „САЕ – ТИГАР“, како високопрофесионална единица, стандардизирана на ниво на стручни перформанси, на оперативна моќ и ефикасност, е на исто рамниште како и останатите истородни полициски единици во Европа и во светот, а нејзините припадници, човечкиот капитал на оваа единица.
Во своето обраќање на свеченоста, командантот на „САЕ – ТИГАР“, Митко Даневски упати порака, дека Специјалната антитерористичка единица, во изминатиот период беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи го мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.