Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на свеченост по повод денот на формирањето на Специјалната антитеористичка единица „Тигар“.
Во чест на 13 март, премиерот изрази благодарност до специјалците-Тигри, за нивната пожртвуваност и исклучителен придонес за безбедноста на Република Македонија и на сите граѓани.
„Живееме во време полно со безбедносни предизвици и тие не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, полициите на нашите партнерски земји од НАТО. Веќе втора година светот се соочува со појава на негативни безбедносни сценарија. Водечка е отворената агресија на европско тло и кризите што произлегуваат од неа, наша обврска како земја членка на НАТО е навремено да се прилагодиме на ваквите случувања.
Во последниве пет години Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ е на врвот на приоритетните планови и концепти по однос на развојот и унапредувањето на полициската безбедносна служба. Она со што се горедеме е дека САЕ „Тигар“ со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разлкува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано за време на врвните обуки во земјава и во странство“, истакна Ковачевски.
Премиерот посочи дека Владата во континуитет ќе продолжи да вложува во единицата, бидејќи задача на Владата е да обезбедува услови за безбедна работа на специјалците.
„Кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига. Се што придонесува за ваша побрза и поефикасна работа како и досега ќе се обезбедува, бидејќи за вашите резултати и постигнување на високо ниво на безбедност, наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа.
Во насока на континуирано мотивирање на припадниците на специјалните единици, неколкукратно беа зголемени платите. Континуирано од 2017 година се исплаќаат бонус плати, за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. За припадниците на Одделот за специјални полициски операции се исплаќаат патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања.
Во септември 2022 година беше зголемена платата за 5% за сите вработени во МВР. Во февруари годинава започна прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво, за бонус плата за 2022 година, во поединечен износ од околу 500 евра, што претставува зголемување на износот од безмалку 40% споредбено со бонус платата од 2017 година, благодарение на континуираното зголемување на минималната плата во државата“- рече премиерот.
Министерот Спасовски истакна дека кога се зборува за елитна полициска формација во безбедносниот систем на државата, станува збор за Специјалната антитерористичка единица ТИГАР при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи, која зад себе има 42 години исполнети со бројни активности, специјализирани меѓународни обуки, врвни акции и полициски операции.
„Храбро чекорејќи во петтата деценија од своето постоење, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР се профилираше во високоспецијализиран тим на обучени полициски службеници, секогаш беспрекорно подготвени да се спротивстават на новите предизвици во борбата против тероризмот и организираниот криминал, како најголема закана на новото време. Досегашните резултати, пак, се уште еден показател дека ТИГАР како единица е позиционирана рамо до рамо со истородните формации од Европа и светот, парирајќи им како во стандардите на опременост и стручност, така и во врвно професионалното полициско постапување”, истакна министерот Спасовски..
Командантот на САЕ „ТИГАР“, Драган Прокоповски изрази благодарност на раководството на МВР, бидејќи од првиот момент го препознало значењето на Специјалната антитерористичка единица – Тигар и што вложувањето во неа е неизоставен дел од приоритетите на министерство во континуитет.
„Во изминатава година и покрај големата економска криза, раководството на МВР изнајде начини и средства за реализација на повеќе проекти, меѓу кои:Подобрување на условите за престој и работа во Единицата, преку санација и реновирање на нејзини делови, при што дел од градежните работи се комплетно завршени, а дел се во завршна фаза; Набавени се нови специјализирани комби возила кои упадните и другите специјализирани тимови ги користат за извршување на најразлични задачи; Се изврши доопремување на полигоните за обука преку набавка и монтажа на вагони, односно елементи од тубуларни системи. Набавена е голема количина на муниција од сите калибри на оружје со кои располага единицата, со што ги интензивираме тренинзите со што ќе го одржиме високото ниво на подготвеност“-.истакна Прокоповски.
Тој истакна и дека во делот на подмладување и надополнување на единицата беше спроведен селективен курс за избор на нови припадници, кој после 8 месеци посветена работа, успешно го завршија 11 полициски службеници и заслужено го добија амблемот на единицата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.