„Сите ние како Влада, како граѓани, како луѓе и како држава сме соочени со една голема шанса конечно, да направиме голем и значаен исчекор во финалната фаза од европските интеграции, којашто ќе го трасира неповратно патот на Република Македонија до скорешно полноправно членство во Европската Унија. Ова е одлука, по којашто, веднаш потоа ќе ги отвориме поглавјата во преговарачкиот процес. А за неколку години, до 2030-та година да станеме рамноправна членка во Унијата“, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија.

Целта е, рече премиерот Ковачевски, „младите луѓе да ни живеат, работат, по европски стандарди, да имаат европски животен стандард, да имаат европски квалитет на живот, европско ниво на услуги – тука, во својата родна земја, а не за тоа да одат во други земји кои се членки на ЕУ“.

„Од овој чин на носење суштинска државничка одлука, практично зависи исчекорот во европските интеграции што е пред нас – од носење на таква одлука не постои поголем патриотизам. Затоа што, да си ја сакаш државата, не значи да зборуваш зошто нешто не може, туку значи да најдеш начин како нешто да направиш. На граѓаните не им требаат политичари кои имаат критика за сè и против сè. На граѓаните им требаат политичари кои носат решенија за подобра иднина на сегашните и идните генерации“, оцени премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, ги соопшти пред пратениците и пораките од неговата официјална посета на Берлин, во низата на официјални посети на други држави и наши стратешки партнери.

Имаме, како што рече премиерот, силна поддршка од Германија за натамошниот напредок кон евроинтеграциите на државата, со придржување кон обврските преземени во преговарачката рамка и на ЕУ и на нашите обврски. Сојузна Република Германија е една од носечките држави во ЕУ, наш долгогодишен искрен поддржувач и пријател во сите демократски процеси од независноста на државата до денес, вклучувајќи ги и европските интеграции и најголем наш трговски партнер каде што имаме извоз годишно близу четири милијарди евра, што е јасно соопштено и лично од германскиот канцелар Шолц, како негова и лична поддршка, зад којашто тој лично стои. А оваа порака на германскиот канцелар, доаѓа по Резолуцијата на германскиот Бундестаг, со која еден од нашите најголеми европски пријатели и поддржувачи Германија и преку формален пат ги поддржа нашите евроинтеграции и го реафирмираше ставот на поддршка и признавање на нашиот јазик, македонски култура и засебен македонски идентитет.

„Сите ние знаеме дека сме Македонци и дека сме дел од македонскиот народ кој говори македонски јазик, со македонски идентитет кој негуваме, македонска култура, славиме македонски обичаи кои се и официјално признаени од ОН. Минатата година македонскиот јазик го поставивме на рамноправно рамниште и со другите јазици во ЕУ. Доказ се потпишаниот договор со ЕК, со ФРОНТЕКС, како и преводот на целото европско законодавство на македонски јазик. Но и тогаш и сега има обиди и однадвор и тука во државава, да се попречи европскиот пат на Република Македонија, со поттикнување немир и сомнежи кај нашиот македонски народ, дека наводно ни се загрозува идентитетот, дека ни се загрозува, со внесувањето во Уставот на други етнички заедници кои живеат во нашата држава, некое наше право, што воопшто не е точно. Со внесувањето на други делови од народи во преамбулата на нашиот Устав, тука мислејќи и на деловите од бугарскиот народ кои живеат тука, конечно еднаш засекогаш ќе се стави крај на тезата дека постои еден народ, кој живее во две држави. За прв пат ќе имаме преамбула во Устав и македонски народ и делови од бугарскиот народ“, посочи премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи на значењето на сестраната и безрезервна поддршка на САД, Германија, Франција, на обраќањата во Собранието на словенечката претседателка, на хрватскиот премиер, австрискиот претседател, на унгарската претседателка и на низа на други, констатирајќи дека таа помош е огромна и недвосмислена.

„Секој кој го потценува политичкото значење на ова силно, можеби како никогаш досега, солидаризирачко пријателство на западните држави со Република Македонија, има други намери, цели и интереси, што не се совпаѓаат со евроатланските аспирации на државата, тие не се совпаѓаат со стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Тоа јасно е кажано од нивни претставници тука во Скопје. Ќе потсетам на пораката на влијателниот американски сенатор, Крис Марфи, како и на сите високи претставници на Стејт Департментот, за недвосмислената поддршка од САД, за членството на Македонија, по НАТО и во Европската Унија. Но, и на укажувањето дека, ако Македонија тргне по друг пат, ако одлучи да не ги донесе одлуките кои се дел од преговарачката рамка, ако се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“, додаде премиерот Ковачевски.

„Сега сакам да предочам. Од изолирана држава, цела една деценија – со мудри, храбри и истовремено одважни одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка како никогаш досега, во полза на нашето зачленување во НАТО, а сега и во Европската Унија. Пораките од САД се дека остануваат со нас и дека тие осигураа да станеме земја членка на НАТО и стојат со нас до зачленувањето во ЕУ. Пораките од Германија, за текот на преговарачкиот процес, се дека тоа се работи кои се веќе напишани во преговарачката рамка и дека нема други, за што при мојата посета на Берлин, можевме да слушнеме и лично од германскиот канцелар, меѓутоа дека преговарачкиот процес се одвива во рамки на преговарачката рамка со обврски преземени од ЕУ и преземени од наша страна денес можевме да чуеме и од бугарскиот претседател, што досега не беше случај. Евроамбасадорот Гир јасно потенцираше дека на патот кон ЕУ не се губат идентитетот, историјата, културата или јазикот, туку дека напротив се зајакнуваат, а македонскиот јазик е веќе во преговарачка рамка, без никакви дополнителни квалификации. Европската комисија потпиша договор за гранично управување со Република Македонија на чист македонски јазик без ѕвезди, фусноти или било какви појаснувања одобрен од сите земји членки на ЕУ вклучително и Бугарија и Грција. Сето ова се аргументи кои ги фрлаат во вода обвинувањата кои беа искажувани цела година“, потенцираше премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.