Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска изјави дека пратеничките листи на коалицијата што ја предводат се креирани и одобрени од највисоките раководства на партијата, како и од страна на органите на партиите кои се дел од коалицијата. Ковачевски рече дека вчера е потпишан коалициски договор со, како што кажа, сите стожерни партии со кои СДСМ соработува, посочувајќи дека се разговара и со некои други организации со кои би потпишале меморандуми за соработка на изборите.

Пратеничките листи се креирани. Тие се одобрени на конгресот на СДСМ. Знам дека и најголемиот дел од коалициските партнери веќе ги одобрија на своите партиски тела. Има уште некои организации со коишто разговараме за потпишување на меморандуми за соработка или за декларации и кои се базираат исклучиво на вредности, а тоа е интеграција на Cеверна Македонија во Европската унија, зацврстување на улогата на Cеверна Македонија како значаен член во НАТО и секако унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и унапредување на економскиот развој, рече Ковачевски.

Тоа, рече тој, се основите врз основа на кои се разговара за соработка.

Ковачевски тврди дека немало несогласувања за пратеничките листи во СДСМ, туку дека тие биле едногласно потврдени на највисоките тела на партијата, како и дека добиле 99, 98 отсто поддршка на Конгресот на партијата.

Сето тоа потврдува дека не постои никакво незадоволство. Имаше извештај во медиумите, кој беше креиран во еден центар бидејќи ако погледнете во кои медиуми беа лиферувани тогаш ви станува јасно дека се од еден цантер. Беа веднаш демантирани од страна на тие мои партиски другари кои беа споменати, рече Ковачевски. Сите, додаде, работиме заедно за победа на изборите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.