Убеден сум дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ бидејќи досега 45 отсто од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството.

Ковачевски вели дека овој извештај нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти и од друг аспект. Еден концепт на чие чело сум јас кој предлага реформски закони и мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Вториот концепт ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам

Извештајот на Европската комисија кој пред два дена ни пристигна е многу повеќе од документ. За нас, тоа е јасна верификација дека сме на добар пат и уште појасна насока на каде треба да чекориме, а чекорењето единствено е можно забрзано кон европскиот пат, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на Извештајот на Европската комисија: „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Сакам да зборувам, рече Ковачевски, за она што треба да го направиме. Овој извештај, исто така, нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти и од друг аспект.

„Еден концепт на чие чело сум јас кој предлага реформски закони, кој предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, што деноноќно работи на обезбедување на енергија, ресурси за производство на енергија. Втор концепт ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам“нагласи Ковачевски.

Премиерот ги повика сите во Собранието да се обединат заради иднината на државата, затоа што од тие што во пратеничките клупи, во канцелариите во Владата зависи колку брзо ќе се спроведат реформите.

„Јас сум убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45 отсто од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Не рековме дека сме најпаметни, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, кој беше советник на нивниот премиер сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим“bдодаде Ковачевски.

Она што е пред нас, ако влеземе во Извештајот, рече Ковачевски, има многу работи кои треба да ги поправиме.

„Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон. Тој закон треба да се спроведе. Затоа, ги повикувам институциите кои се во делот на владеењето на правото, кои се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на сé она што е нотирано во Извештајот. Зошто? Затоа што за 12 месеци ќе имаме нов извештај, ама тој извештај нема да биде само едностран попис на тоа што ние правиме. Тоа ќе биде резултат на скрининг процесот кој во моментот се одвива. Тој скрининг има 2 дела, едниот е објаснувачки во кој ЕУ ни кажува што е ново направено во европското законодавство од последниот момент кога тоа е направено од 3 години. А во вториот дел кој сега започнува, ние ќе треба да објасниме што, до каде и во која мера имаме направено во однос на усогласувањето на законодавството, меѓутоа и во однос на спроведување на тие закони“ потенцираше Ковачевски.

Ковачевски вели дека посветеноста на реформите кои треба да ја трансформираат и европеизираат Македонија, се пресликани во позитивните оцени на овој Извештај. Тој докажува дека реформите кои ги спроведуваме се одржливи и го нотира напредокот.

„Вчера имав гостин од странство, висока делегација. Ми кажа една реченица – ‘Конечно ЕУ ве награди со преговори во јули оваа година’, Јас и кажав: ‘Би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие кои го спасивме образот на ЕУ’. Зошто, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани. Јас ги делам тие чувства. Прво, ние сме единствена држава која за да пристапи кон ЕУ и пред тоа кон НАТО треба да го смени името на својата земја. Второ, јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, социјална правда и таму каде што има владеење на демократијата. Или ќе седите дома, сами и изолирани, раскарани со сите“ рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.