Не би ги коментирал случувањата во Алијанса, бидејќи станува збор за друг политички субјект. Нивните партиските органи, нивните функционери се тие што треба ги дадат одговорите и да излезат со став, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој потврди дека со Арбен Таравари се сретнал, но со Зијадин Села, како што нагласи, нема разговарано, само се виделе во Парламентот.

-Точно е дека имавме средба со господинот Таравари и како што соопштивме по средбата, разговаравме за односот во коалицијата, во техничката Влада во моментов, но и за она што беше направено изминатата година, бидејќи додека јас ја водев Владата во половина од мандатот имаше министри и од Алијанса за Албанците. Разговаравме за тековните активности во Владата, ние сме двајца претседатели на политички партии кои имаат свои министри во техничката Влада. Што се однесува до динамиката во Алијанса, не би коментирал, бидејќи се работи за друг политички субјект. Нивните партиските органи, нивните функционери се тие што треба ги дадат одговорите и да излезат со став, истакна Ковачевски.

Според него, местото на политичките партии е во коалиции кои делат исти вредности.

– Земјава има изградено демократско општество во кое секоја политичка партија и поединец може слободно да ги носи своите одлуки. Се уште важи понудата на СДСМ, сите политички партии, невладини и други организации, како и поединци кои ја делат визијата за европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај, изјави Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Став за Таравари кој вчера преку својот фејсбук профил побара партиските органи да го поддржат за АА да се приклулчи кон албанскиот опозициски блок, искажа и првиот вицепремиер за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ. Тој оцени дека секој политички субјект има право да одлучи каде ќе се позиционира. Како што рече Маричиќ, во демократијата тоа така функционира. Вицепремиерот не очекува техничката влада да се „урне“ ако евентуално Алијанса се приклучи кон опозицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.