Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Тирана, Албанија оствари средба со претставници на Македонското национално малцинство во Албанија и разговараа за Македонците во Мала Преспа, Тирана, Голо Брдо и Гора. На средбата покрај премиерот Ковачевски, присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, како и Данчо Марковски, амбасадор на Република Македонија во Република Албанија.

Премиерот Ковачевски на состанокот разговараше со Васил Стерјовски, претседател на Македонската Алијанса за Европска Интеграција (МАЕИ) во Албанија, Кимет Фетаху, активист и претседател на друштвото МИР, Едри Фетаху, потпретседател на МАЕИ, Маријана Фелах, претставник на македонското малцинство во Албанија при Комитетот за национални малцинства во Владата на Република Албанија, Бесник Хасани, претседател на друштво МОСТ од Голо Брдо како и претставници на бизнис секторот од Македонија кои работат во Албанија.

На средбата беше поздравена севкупната поддршка која што Владата на Република Македонија ја дава во сите области за нашите Македонци кои живеат во Албанија.

Соговорниците ја поздравија одлуката на Универзитетот во Тирана да се изучува македонскиот јазик, за што од Македонија ќе биде испратен лектор на Катедрата за изучување јазици од регионот, а истиот се очекува наскоро да се реализира и на Универзитетот во Корча.

Изминатиот период беа реализирани проекти од Акцискиот план за поддршка на нашите Македонци од Голо Брдо и Пустец, со цел подобрување на условите за живеење на нашите иселеници кои живеат во овој дел од Албанија.

Во разговорот беше поздравена и заложбата за наскоро целосно решавање на деценискиот проблем за пуштање во употреба на граничниот премин Требиште- Џепиште кој што ќе биде од исклучителна важност за македонското население во регионот од Голо Брдо.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека Владата спроведува повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високо образовните институции во нашата држава, преку кои 39 баратели од Мала Преспа и Голо Брдо добија владини стипендии за студирање на државните факултети за учебната 2023/2024 година.

Покрај ова на средбата се разговараше и за финансирање проекти за дијаспората, вклучително и за нашите иселеници кои живеат во Албанија.

Соговорниците од бизнис заедницата, се говореше за интензивирањето на трговската размена која во 2022 година е 307 милиони евра, за разлика од 2016 кога била околу 165 милиони евра. Беше разгледана можноста да се формира бизнис клуб во Тирана, каде ќе членуваат македонски и албански компании, бидејќи постои позитивен тренд на раст на компаниите.

На средбата беше истакната важноста за искористување на фондовите за развој и зајакнување на Буџетите на Здруженијата се со цел да се реализираат проекти за поддршка на македонското малцинство.

Претставниците на здруженијата на иселеници ја поздравија соработката на Владата на Македонија со надлежните институции на Албанија за сите прашања од интерес на нашите иселеници, во делот на пописот, на организацијата во локалната самоуправа и во други области од секојдневното живеење.

На средбата беше потенцирано дека Владата и во иднина ќе продолжи континуирано да помага за подобрување на условите на живеење на нашите иселеници, во подобрување на условите за образование, како и финансиска помош за комунално уредување на општините каде живее македонско население.

На последниот попис одржан во Албанија во 2011 година, попишани се 5.512 Македонци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.