Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ присуствуваа на прием организиран во чест на 50-годишното членство на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.
-На приемот е реафирмирано значењето на Германија како одговорен партнер на Организацијата на Обединетите нации и принципиелен бранител на меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право. Изминатите децении, обединета Германија презеде зголемена одговорност во Обединетите нации и денес е втор најголем придонесувач во системот на ОН во целина и втор по големина билатерален донатор на хуманитарна помош, соопшти владината прес-служба.
Ковачевски му го честиташе на канцеларот Олаф Шолц јубилејното 50-годишно членство на Германија во ОН и големиот придонес на државата во целокупниот систем на ОН.
-Во кусиот разговор со канцеларот Шолц, премиерот Ковачевски се заблагодари за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, правејќи ја Германија една од најблиските европски партнери на нашата земја, се наведува во соопштението на Владата.
Премиерот Ковачевски на приемот имаше неформални разговори со повеќе светски лидери при што, посочува прес-службата, нагласен е и примерот на ефективна дипломатија што го дава Република Македонија, којашто годинава одбележа 30-годишно членство во ОН и којашто од земја корисничка на мировни мисии, денес е држава домаќин на меѓународни преговори за решавање прашања од интерес за стабилноста на Западен Балкан, ЕУ и во светот“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.