Не може да се предвиди како ќе се одвива војната во Украина, но граѓаните треба да се спокојни и од безбедносен и од економски аспект, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Со оваа војна сфаќаме колку беше правилна нашата одлука да се пристапи кон најголемиот воен безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Нашата земја е безбедна, нашите граници се НАТО граници и од тој аспект никој не треба да има дилема дали нешто може да ни се случи, истакна Ковачевски во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“. Прашан за состојбите во Косово, премиерот смета дека решението е во дијалогот меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ. Сите страни, според него, треба да се однесуваат во насока на воспоставување мир на северот на Косово.

Ковачевски зборуваше и за актуелната енергетска криза, како и за плановите и проектите на Владата  во наредниот период. Премиерот меѓу другото, потенцира дека „како граѓанин очекува да имаме функционална судска власт и очекува правда“. Тој се осврна и на пресудата за случајот со масовното прислушкување.

Владата не може да се меша во судската власт. На правосудниот систем му останува низ транспарентен процес да им објасни на граѓаните за одлуките што ги носи и да работи на унапредување за да се зголеми довербата на граѓаните и да се обезбедат фер услови сите граѓани да бидат еднакви пред Уставот, вели тој.

Во врска со посетата на тимот од САД поврзано со случаи на корупција, премиерот вели дека со нив не се сретнал, но дека „искуствата што ги имаат ЕУ и САД се од огромно значење и се добредојдени“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.