Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“ зборуваше за проектите на Владата, актуелната енергетска криза, безбедноста на земјава, како и плановите на Владата на Република Македонија во наредниот период.
Зборувајќи за актуелните состојби, премиерот потенцира дека „како граѓанин очекува да имаме функционална судска власт и очекува правда“. Тој се осврна на пресудата за случајот со масовното прислушкување, коментирајќи: „Владата не може да се меша во судската власт. На правосудниот систем му останува низ транспарентен процес да им објасни на граѓаните за одлуките што ги носи и да работи на унапредување за да се зголеми довербата на граѓаните и да се обезбедат фер услови сите граѓани да бидат еднакви пред Уставот“. Во врска со посетата на тимот од САД поврзано со случаи на корупција, премиерот вели дека со нив не се сретнал, но дека „искуствата што ги имаат ЕУ и САД се од огромно значење и се добредојдени“.
Премиерот истакна дека не може да се предвиди како ќе се одвива војната во Украина, но уверува дека граѓаните треба да се спокојни и од безбедносен и од економски аспект. „Со оваа војна сфаќаме колку беше правилна нашата одлука да се пристапи кон најголемиот воен безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Нашата земја е безбедна, нашите граници се НАТО граници и од тој аспект никој не треба да има дилема дали нешто може да ни се случи“, истакна тој.
Прашан за состојбите во Косово, премиерот смета дека решението е во дијалогот меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ. Сите страни, според него, треба да се однесуваат во насока на воспоставување мир на северот на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.