„Ние имаме формално отпочнати преговори, но заради блокадата којашто на нас ни се случи тука во Македонија, ние сега имаме застој, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во дебата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Говорејќи за евроинтегративниот процес, Ковачевски посочи дека за да се направи исчекор потребни се одлуки, граѓаните очекуваат конкретни одлуки, наместо постојано да се критикува.

„И Киро Глигоров го критикуваа, ама денес Киро Глигоров е запишан во историјата, како човекот што ја внесе Македонија во ОН. Се критикуваше и кога станувавме членка на НАТО, денес сите се горди на членството во НАТО. Вие бевте горди кога бевме во Брисел, кога чешкиот министер за надворешни кажа преговорите со Република Cеверна Македонија ги прогласувам за отпочнати. Формално се отпочнати, но заради блокадата којашто на нас ни се случи тука во Македонија, ние сега имаме застој, такви блокади ние сме имале и во минатото. Кој го блокираше зачленувањето во НАТО? Неодлучноста на претходникот на господинот Мицкоски“, рече Ковачевски.

Притоа, Ковачевски посочи дека овие избори се за тоа кој има план за Европа, а кој нема план за Европа.

„Ние спроведовме скрининг за една и пол година, нешто на што им требаше, на наши соседни држави, две до две и пол години. 1.000 професионалци беа организирани, беа поканети од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат, одбија, беа ангажирани 1.000 професионалци во 100 тимови, часови и часови презентации и состаноци во Брисел и добивме позитивен извештај за билатералниот скрининг. Ние веќе имаме добиено извештаи за два кластери, тие се дојдени и точно знаеме што треба да правиме. Ние веќе предложивме во нашата програма зголемување за 50% на платите за оние кои ќе учествуваат во преговорите, точно знаеме со какви ресурси ќе преговараме и точно знаеме дека до 2028 година ќе завршат преговорите и после 2 години ратификација, до 2030 година, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ. Тоа е план, термински, со ресурси, со човечки ресурси и со конкретни активности, се друго е замајување и неносење на одлуки, тоа го гледавме 11 години, 11 години ние гледавме некакви преговори со Грција кадешто не се носеше никаква одлука“, рече Ковачевски.

„На изборите граѓаните ќе се определат дали се за европска Македонија. Јас сум убеден дека ќе се определат за европска Македонија и кога на 8 мај ќе ги видиме резултатите тогаш ќе биде јасно дека Македонија ќе ја спроведе својата обврска и дека ќе ги отвориме преговорите со ЕУ по поглавјата“, порача Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.