Односите меѓу Македонија и САД бележат постојано унапредување што беше потврдено и со почетокот на процесот за Стратешки дијалог во Вашингтон на 2 јуни годинава, истакнале денеска на средба премиерот Димитар Ковачевски и заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој учествува на годинешното издание на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
За истакнување е фактот, беше потенцирано за време на разговорот, што нашата е првата земја од Западен Балкан која го започна стратешкиот дијалог со САД како следна напредна фаза во политичката и економската соработка со идентификување на нови проекти и иницијативи од заеднички интерес, пренесува владината прес-служба.
На средбата Ковачевски и Ескобар разговараа за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, која уште еднаш е оценета како неоправдана и со ништо неиспровоцирана и како исклучително сериозна за меѓународната безбедност и сигурност.
Ковачевски во разговорот со Ескобар истакнал дека Македонија продолжува да ги применува стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Македонија во операциите на НАТО, како и за забрзување на интеграцијата наМакедонија во ЕУ.
Заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, ја нагласи неопходноста од итен почеток на пристапните преговори со ЕУ и ја потенцираше поддршката на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија, информира владината прес-служба.
Секое натамошно одлагање на тој процес, нагласиле двајцата соговорници, предизвикува сериозни регионални последици и ги поттикнува ризиците за зголемено влијание на трети страни.
Премиерот Ковачевски на средбата ги посочил придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, која, како што потенцирал заменик-помошникот на државниот секретар Ескобар, САД целосно ја поддржува и ја оценува како особено значајна за регионалниот развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.