Зборувајќи за евроинтеграциите нa Македонија и условот Бугарите да влезат во Уставот, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС) вели дека е добро да влезат и други народи бидејќи нашата држава е Европа во мало. Во ЕУ, потенцира тој, има земји кои во своите устави имаат и по 25 делови од народи.

Она што ние го имаме како обврска на овој пат, што впрочем го имаат и голем број на земји, е уставно прилагодување со тоа што Cеверна Македонија има уште една дополнителна активност, а тоа е вклучување на делови од други народи кои живеат во нашата држава и тука таква заинтересираност имаат изразено хрватскиот, црногорскиот и бугарскиот народ, но и други како еврејскиот. Сметам дека тоа е добро затоа што има држави во ЕУ кои имаат и по 25 делови од народи во својот устав. Ние веќе имаме други народи, како српскиот, влашкиот, албанскиот, ромскиот … Ние сме мултикултурно и мултиетничко општество, секогаш велам дека Cеверна Македонија е Европа во мало бидејќи ЕУ е заедница на различности, а Cеверна Македонија е држава во која сите заедници и народи имаат еднакви можности за личен и професионален народ, вели Ковачевски во интервјуто.

Ковачевски во интервјуто посочува дека Македонија веројатно го имала најтешкиот пат до отпочнување на преговорите и потсетува на постигнатиот договор со Грција, како и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Меѓутоа, нагласува дека сега сите отворени прашања се затворени и оти имаме чист македонски јазик и загарантиран идентитет на македонскиот народ.

Сега веќе сите тие отворени прашања се затворени, имаме јасен патоказ на кој начин ќе се одвива пристпаувањето на Cеверна Македонија во ЕУ. Оние прашања кои беа дилеми се надминати, во преговарачката рамка стои чист македонски јазик, идентитетот на македонскиот народ е загарантиран во рамката и целиот преговарачки процес, а историските прашања се дел од работата на историската комисија и не се дел од преговарачкиот процес, вели Ковачевски.

Тој констатира и дека тоа што поминале 17 години од добивањето на кандидатски статус до првата меѓувладина конференција го намалил кредибилитетот на ЕУ во земјава, но дека сè уште мнозинството граѓани се за влез во Унијата. За нашето членство, исто како и за Србија и Албанија, вели премиерот, нема алтернатива.

Во наредните денови, како што најави, ќе се презентира што се ќе биде потребно да се направи во процесот на скрининг, кој официјално започнува на 15 септември.

Конечно Cеверна Македонија минатиот месец ја одржа првата меѓувладина конференција, имаме финализиран распоред во однос на одржувањето на билатералниот скрининг кој започнува на 15 септември. Во текот на наредните денови Cеверна Македонија ќе ја официјализира и претстави преговарачката структура во однос на тоа што е потребно да се направи во тој билатерален скрининг. Веќе се екипираат структурите во Секретаријатот за европски прашања и сметам дека со текот на времето прво ќе се врати кредибилитетот на ЕУ, и второ се поголем експерти и граѓани од институциите, академската и бизнис заедницата ќе бидат вклучени во преговарачкиот процес, вели премиерот.

Ковачевски во интервјуто зборува и за односите со Србија велејќи дека тоа што нема ниту едно отворено политичко прашање помеѓу Белград и Скопје и позитивните односи помеѓу политичарите имало позитивно влијание и врз односите меѓу црковните институции во двете држави и придонело да се реши повеќедеценискиот спор помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.