Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со вршителот на работи во Амбасадата на Република Кореја во Република Македонија со седиште во Софија, г-а Чо Џи И, по повод преземањето на донацијата од корејскиот народ. Донацијата која е дел од грантовата помош за проектот „Зајакнување на капацитетите на Министерството за европски прашања“, вклучува возила, ИТ и канцелариска опрема во износ од околу 27 милиони денари, а ќе овозможи унапредување на техничките и административните капацитети на Министерството.

Министерот Муртезани изрази благодарност до г-а Чо Џи И и Амбасадата на Република Кореја за оваа донација која претставува одраз на поддршката што корејскиот народ ја дава за реформските процеси и институционалното јакнење.

Муртезани истакна дека иако билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Кореја сè уште е на почетно ниво, оваа донација претставува темел за иден развој на заемно корисни релации. Тој посочи дека ваквата помош ќе придонесе за поголема ефикасност во исполнувањето на нашите обврски во евроинтегративниот процес, како и во координацијата на донаторската помош.

Тој исто така изрази уверување дека оваа поддршка ќе биде искористена во целост за да ги унапреди нашите институционални капацитети и ќе придонесе кон заедничката цел – изградба на модерна, стабилна и одржлива Република Македонија, подготвена да стане дел од европското семејство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.