Политичката криза во Битола „засвири“ и во културата, па бројни врвни музички уметници останаа извисени да настапат на Битолското културно лето.
Реакциите на врвни македонски уметници кои останаа без настапи на годинешното Битолско културно лето се разочарани, па дури и гневни. Меѓу нив се пијанистите Марија Вршкова, Петар Макариевски, Иван Трајковски и виолинистот Владимир Костов. Тие во изјави за „Независен“ не го кријат револтот поради вмешувањето на политиката. Иван Трајковски вели дека „политиката да не претставува пречка во ширењето на културата и уметноста“.
Со новото прегрупирање во битолскиот Совет, откако ВМРО-ДПМНЕ остана без мнозинство и новата неформалната коалиција меѓу СДСМ и независните од „Поинаку“ го доведоа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во позиција да им се извини на сите уметници кои покажаа интерес да настапат на Битолското културно лето, а нема пари за нивните настапи.
Коњановски тоа го образложува со „недостаток на поддршка од Советот, која ги ограничува и финансиските ресурси кои општината треба да ги издвои и реализира за висококвалитетните музичко-сценски и уметнички настани, како и за дополнителна офф програма, што би значело фестивалска поддршка и за алтернативната сцена и младите уметници од нашиот град“.
Во средата на прес конференција Коњановски разочара истакнати и докажани македонски уметници кои години наназад ги полнеа концертните сали во Битола како дел од Битфест.
Пијанистката Вршкова вели новите случување за Битолското културно лето е обид на одредена група политичари кои сакаат да ја замрат културата во градот на клавирите.
„Изјавата на градоначалникот Коњановски, кај мене, како и кај другите уметници предизвика огромен револт. За град, кој и не случајно е познат како „Град на клавирите“, кој секогаш важел за културен центар и каде настапувале светски имиња, за град во кој публиката е желна за културни случувања, неправедно е да не се одвојат средства за културни настани кои го издигнуваат градот на мапата на значајни културни дестинации. Како уметник кој излегол од Битолското музичко училиште, и токму првите чекори на музичката сцена ги направил во салата на Офицерскиот дом, од особено задоволство ми беше идејата за аплицирање и презентирање на составот ‘30 прсти’ пред битолската публика, особено знаејќи дека се работи за 15-годишен јубилеј на Битолско културно лето. Овој чекор само ја девалвира работата на уметниците на кои единствена желба им е да ја разубават и збогатат културната понуда на градот, наспроти одредена група т.н политичари, кои истата пак сакаат да ја замрат. Битола не го заслужува ова“, реагира Вршкова.
На настапот во Битола и концертот во акустичната сала на обновениот Офицерски дом са радувал и пијанистот Трајковски, роден битолчанец. Но вели дека „неискажаното содејство за програмата од страна на одредени советници, има негативно влијание како на уметниците, така и на градот и битолчани. Апелирам политиката да не претставува пречка во ширењето на културата и уметноста“, апелира Трајковски.
Петар Макариевски, пијанист и професор реагира дека непријатно се изненадени како уметници од одлуката на Општина Битола да бидат изземени сите камерно-солистички проекти од музичко-сценската дејност како настани и манифестации на Битолско културно лето 2023 година.
„Од мое лично, но и од име на моите соработници во ‘Пијано трио’, Татјана Петрушевска-Караскаковска, прва обоа при МОБ и Марјан Милошевски, прв фагот при МОБ и вонреден професор на ФМУ, најодговорно изјавуваме дека нашата желба да бидеме дел од овогодинешната програма на Битолско културно лето произлегува од почитта кон музичкиот легат кој градот Битола го има оставено и задолжено севкупното културно наследство во Македонија. Заснувањето на овој тип на културни манифестации катастрофално ќе се одрази во севкупното културно и социјално битисување на еден народ“, вели професорот Макариевски додавајќи дека „сите понатамошни одлуки кои директно се однесуваат во зачувувањето на нематеријалното, како и материјалното културно наследство, многу сериозно ќе бидат разгледувани и носени единствено во интерес на зачувувањето на културниот идентитет на државата“.
Mакедонскиот виолинист и концерт мајстор на Македонската филхармонија Владимир Костов реагира дека со години наназад, Битолското културно лето е најголемиот културен двигател во градот во текот на летниот период и е „најжив“ град во државата, па од тука не разбира зошто се прават опструкции на сметка на културата, затоа што со тоа никој не добива ништо, а губи градот.
Пред два дена градоначалникот Тони Коњановски изјави дека поради тоа што не се зголемени средствата за реализација на сите планирани настани за Битфест Општината ќе го организира во рамките на одобрените финансии.
Фестивалот оваа година ќе започне на 23 јуни со спектакуларен настан на Хераклеја, но програмскиот концепт, главно ќе вклучува традиционални настани и манифестации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.