Во рамки на Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи, во Штип денеска ќе се реализираат повеќе активности. Во Советот на Градот ќе се одржи комеморативна програма на која ќе се обрати градоначалникот Иван Јорданов, а потоа следува „Поворката на живите“ – од Општина Штип до Споменикот на депортираните Евреи каде ќе биде положено цвеќе. Почит пред Споменикот со положување венец ќе оддадат и пратениците Никола Мицевски и Емилија Рамбабова. Програмата звршува со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народен театар Штип.
Во Битола ќе продолжат активностите за оддавање почит кои почнаа вчера. Пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара ќе биде положено цвеќе, а потоа следува „Поворка на живите“ од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица, каде ќе се обрати градоначалникот Тони Коњановски. Пратеничките Марија Кочовска и Олга Лозановска ќе положат цвеќе на Споменикот на жртвите на Холокаустот од Битола.
Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје, со оддавање почит пред Споменикот на 7.144 депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол. Обраќање ќе имаат претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви, претседателот на техничката Влада, Талат Џафери и амбасадорката на Израел Симона Франкел. Потоа ќе се оддаде почит на Могилата на депортираните Евреи од Македонија и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на градските гробишта „Бутел“. Цвеќе на Споменикот кај поранешен скопски Монопол ќе положи и собраниска делегација, предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Во делегацијата се пратеничките Марија Георгиевска, Бети Стаменковска Трајковска и Рашела Мизрахи. Тие ќе положат венци и на Споменикот на депортираните Евреи во „Бутел“.
Комеморативните активности по повод 81 година од депортацијата на македонските Евреи ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на која ќе се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и специјалниот преставник на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија Сарацин.
Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Активностите почнаа вчера во Битола, со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар.
На 11.03.1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во „логорот на смртта“ – Треблинка што е и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот според бројот на население (98 отсто).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.