„И јас сум Ламбе“ денеска одекнува по социјалните мрежи каде јавноста изразува силна поддршка за македонскиот пејач, кој е приведен како осомничен за пожарот на надворечната врата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Дел од нив не го оправдуваат делото, но скоро сите го разбираат поривот на Ламбе Алабакоски да го изрази својот револт за состојбата во која се наоѓа македонскиот народ.

Делото на Ламбе е крик, негов, а и на многумина за ова што ни се случува последниве години. Негирање од странство и дома, ништење на сѐ што е македонско, бришење и менување на историјата, терање на јавниот дискурс кон тоа да кажеш дека си Македонец е срамота, поголеми порази што ги имаме во мир отколку во војни и ропство. Дали една искра е доволна за оган останува да видиме. А времето полека нѐ гази, немаме многу за гледање и молчење, пишува активистот Божидар Божиновски.

Некогаш боли кога криминалци што крадат наши пари дозволуваат да се слават фашисти од кои гинеле нашите предци и едноставно ти доаѓа да крикнеш. Да запалиш сè, се вели во коментар на социјалните мрежи.

Поддршка стигна и во форма на правна помош, кога двајцата познати скопски адвокати, Јанаки Митровски и Драги Стари Пешевски се пријавија да го бранат про боно, а од партијата Левица, пак, се понудија дека тие ќе ги подмират судските трошоци. Оттаму повикаа и на ослободување на пејачот.

Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски. Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ!, велат од Левица и повикуваат на протест.

На протест повика и Игор Дурловски, кој порача дека Ламбе треба да се брани на улица.

Гневот на јавноста најмногу е насочен кон „ефикасноста“ во решавањето на случајот.

Дурмо турс нема разрешница уште оти е финансиер на ДУИ, пожарот во Тетово нема разрешница оти Анѓушев ги градел бараките – ама кога народот ја зема правдата во свои раце, тогаш во два дена се апсат лица!, вели Јована Мојсоска, Генералниот секретар на Левица.

И Ивор Мицковски потенцира дека ниедна трагедија не е разрешена, па разбирлив е гневот од институционалната и политичка хипокризија и неказнивост.

Знам дека да беше во прашање злосторство на некој Албанец под заштита на ДУИ/УЧК или на некој криминалец од децата на ‘северомакедонските’ големџии, сигурно немаше бесрамните медиуми да му го објавуваат името така ударно, како да е осуден, пред да заврши судски процес. Веројатно квислинзите од МВР со ова го хранат крокодилот, со надеж дека така нема нив да ги изеде, гневен е Игор Аврамовски Александров, македонски иселеник во Австралија.

Власта која не смееше ни на сон да дозволи отворање на клуб со името на македоноубиец и фашист како Ванчо Михајлов, сега се фали дека го фатила Македонецот, кој испровоциран од забеганата провокација запали табла со името на македоноубиецот?!, реагира новинарот Љупчо Цветановски.

Уапсете го оној суртук кој дозволи клуб со вакво име воопшто да се отвори, не Ламбе!
Политиканти, без образ и трунка достоинство, гордост и чест македонска во себе. Чувството на срам од оваа влада секојдневно расте. Немаат мерка, исав уште помалку, срам ни за лек. Доста е! И јас сум Ламбе Алабаковски! Je suis Lambe Alabakovski!, порача тој.

Меѓу примерите за апсурдност споменат беше и поранешниот пратеник Павле Богоевски, кој како предводник на Шарената револуција беше еден од оние што ја запалија канцеларијата на македонскиот претседател.

Реакција попладнево пристигна и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде потенцираа дека партијата не поддржува никаков вид на насилство и смета дека тоа не е одговор на проблемите, но воедно подвлекуваат и дека инцидентот во Битола е реакција, на акцијата на власта поврзана со распродавањето на државните и национални интереси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.