Власта се обидува да создаде перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и антиЕУ затоа што не се согласува со францускиот предлог и уставните измени како што се предложени. Но, јас сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаква друга стратешка ориентација освен Запад и ЕУ, вели Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител.

Клековски истакна дека односите меѓу Република Македонија и Бугарија се на најниско ниво и не смета дека со внесување на Бугарите во Уставот ќе се решат проблемите меѓу двете држави, бидејќи како што рече не гледа добра волја од бугарска страна.

Разликата во ставовите е тоа што ние не сметаме дека ова е техничко прашање како што сака власта да го претстави,. Јас сметам дека никој во Македонија нема против Хрватите да бидат внесен во уставната преамбула. А зошто немаме ништо против Хрватите, а имаме против Бугарите. Разликата е во добрата волја. Сите се радуваме на внесувањето на Хрватите во Уставот бидејќи е базирано на добра волја и реципроцитет. Додека внесувањето на Бугарите во Уставот не е базирано на добра волја. Односите меѓу двете држави е на најниско можно ниво после потпишувањето на договорот добрососедство и не сме сигурни дали таа отстапка ќе води кон решавање на проблемите, бидејќи не ја гледаме добрата волја од другата страна, смета тој.

Според Клековски, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и владата на СДСМ, е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ смета дека за внесување на Бугарите во Уставот треба да се прашаат граѓаните кој е нивниот став по однос на ова прашање.

Следното прашање за кое што има разлика е дека ние сметаме дека за ова прашање треба да бидат прашани граѓаните, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.