Дел од работниците во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ од работната единица „Водовод и канализација“ денеска одржаа јавен протест и штрајк поради неисплатени плати и придонеси. За еден месец ова е втор ваков јавен протест откако на 15 декември 2022 штрајкуваа работниците од одделот за комунална хигиена.

Работниците од „Водовод и канализација“ велат дека им доцнат платите со месеци и порачаа дека нема да излегуваат на терен и да санираат дефекти ако продолжи ваквата состојба. Во овој оддел на ЈКП „Тетово“ работат околу 85 луѓе.

Тие што сме со решение на неопределено време два и пол месеци немаме плата, а осигурување имаме само 4-5 дена на крајот од секој месец. Ова со осигурувањето трае со години од времето на Теута Арифи или веќе десет години. Нема да излеземе на терен ако не ги добиеме платите наши што ни следуваат. Не бараме покачување. Не бараме плус тоа што не може да се оствари. Туку бараме тоа што ни следува. Доста со лажење, од типот ќе има овој месец, ќе има тој месец. Тие без решенија 3,5 месеци, немаат плати. Не сум против Комунална хигиена, но тие зеле плата за десетти месец (октомври н.з) а кај нас нема – изјави Сервет Алити, работник во Водовод и канализација.

Како се живее, се снаоѓаме. Господ ни помага само. Имаме некоја надеж. Овој систем за вода се одржува со такви какви услови имаме. Сите се снабдуваме со вода, но стотици дефекти има годишно. Платите станаа проблем, претходно пандемијата направи проблеми. Далга голема. Вода е стратешки ресурс и овие се стратешки работници. Недај Боже да се случи нема да излеземе додека не биде расчистено се со платите. На минус 20 сме оделе до Лешница сме биле мокри на дефект само за да има вода во овој град, рекоа останатите работници.

Раководителот на одделот Водовод и канализација Љуљзим Шаќири вели дека најавеното одделување на оваа дејност од ЈКП „Тетово“ во ново комунално претпријатие ќе ги реши проблемите. Посочи дека заостанатите плати и хонорари се исплаќаат тековно колку што им дозволува ситуацијата.

Имаме перманентно протести, имаме доста проблеми во тој дел. Мислам дека со формирање на двете нови претпријатија многу ќе се подобри ситуацијата таму на обврските кон работникот и нивните права. Ние доцниме со платите, не е нешто што не сме го кажале. Ние сме во процес на санација на тој дел. Самата одлука на Советот за 25 милиони денари за исплата на обврски кон работници со договор на дело ни олеснува во делот на исплата на редовни вработени. Ние сме во добра насока на решавање на тој проблем. Се надеваме дека за месец-два ќе се го решиме тој проблем. Веќе се исплатуваат постепено работниците со договор на дело, во зависност од состојба со сметката на општината која се соочува со проблеми и проблем со Трезорот, поради неработни денови – изјави Шаќири.

Оваа недела започнаа процедурите за регистрација на две нови јавни комунални претпријатија за чие основање беше донесена одлука на последната седница на Советот на Општина Тетово на 29 декември 2022 година. Одлуката е објавена во службеното гласило на Општина Тетово и сега во тек е регистрацијата во Централен регистар по што ќе следат нови седници на Советот за формирање на управни и надзорни одбори.

Двете нови јавни претпријатија ќе значат создавање на два нови правни субјекти и одделно стопанисување со водоводот и канализацијата во едното и комуналната хигиена во другото. Досегашното Јавно комунално претпријатие „Тетово“ ќе продолжи да постои, а ќе функционираат и понатаму одделот за православни гробишта, зелените пазари како и работната единица „Паркови и зеленило“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.