Чувство на немање перспектива, демотивираност од работната позиција, несоодветно вреднување на трудот и ниска плата, нефер пристап до работни места според квалификации, политизираност на институциите, распространета корупција и непотизам, проблеми во квалитетот на живот – во здравствениот систем и животната средина – се некои од причините што ги одвраќаат младите Македонци што дипломирале во Словенија да се вратат во земјава.
Сакаме да придонесеме во државата, да бидеме тука со нашата фамилија и пријатели, но сакаме да видиме и реални промени, порача еден од студентите на панел на конференција организирана од Амбасадата на Словенија во соработка со нашата Влада, за одливот на младите од земјава и како тие по дипломирањето во Словенија да се вратат за да го вложат својот капацитет и потенцијал за економски развој на нашата држава.
На конференцијата насловена „Од Словенија до Македонија: Синергија на образованието и бизнисот“ тие зборуваа за искуствата и предностите за студирање во Словенија – студентскиот стандард, модерната универзитетска инфраструктура и опременост со лаборатории, платената студентска пракса, можностите за претприемништво…
На конференцијата беше презентирано истражување на Македонската студентска организација во Словенија (МСОС) од анкета на наши студенти кои студираат на словенечки универзитети. Во учебната 2023/2024, според податоците на МСОС, 1697 македонски студенти се запишале во Словенија каде што им е овозможено бесплатно студирање.
Претседателот на МСОС, Кристијан Поповски, ги презентираше резултатите од истражувањето со причини што ги одвраќаат младите да се вратат дома, заедно со препораки тие да се надминат.
-Младите не си заминуваат само поради можностите за поголеми финансиски примања или, пак, поради тоа што навистина сакаат да си заминат. Иселените млади се чувствуваме како да не можеме да опстоиме во моменталната средина што не опкружува. Станува збор за целокупни промени во образованието и трансформација на процесот на стекнување знаења. Станува збор за недоверба дека некои работи воопшто можат да се променат. Мотивацијата и надежта згаснуваат. Станува збор за недоверба дека институциите и сите ние како општество ќе си ја завршиме својата работа, рече Поповски.
Конференцијата ја отвори словенечкиот амбасадор во земјава Грегор Прескер кој истакна дека во неговата земја има потреба од квалитетен високообразован кадар, но дека тој и е многу потребен и на земјава. За таа цел ја организираат конференцијата со цел, рече, да ги поврзат сите заинтересирани чинители во креирање можности, механизми и услови кои се неопходни младите да се вратат во нивната татковина.
Нагласи дека со конференцијата сакаат да создадат синергија меѓу сите главни чинители – за тие да се запознаат подобро и разменат искуства и во иднина да носат заеднички одлуки со цел да се намали одливот на успешно образовани млади студенти и да се најде начин студентите кои ги завршиле студиите во Словенија да се вратат во земјата.
– Убедени сме дека поголемиот број од нив сакаат да се вратат и со своите знаења и искуство да придонесат за натамошниот севкупен развој на Македонија. Нашата Амбасада има воспоставено одлична соработка со МСОС и, меѓу другото, ги поддржуваме во организирањето годишен настан на кој претставници на организацијата ги споделуваат своите искуства од живеењето и студирањето во Словенија на сите потенцијални идни студенти од Македонија, што е одлична можност да се запознаат со потенцијалот за студирање во Словенија. Денес студентите ги поврзуваме со претставници на извршната власт кои може да ги креираат потребните политики што ќе придонесат за поголема грижа за сите оние кои сакаат да се вратат во земјата… Ги поврзуваме и со претставници на словенечки и македонски компании кои бараат образована и висококвалитетна работна сила за нивното успешно идно работење, рече Прескер.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во обраќањето истакна дека државата е горда на своите умови, но и длабоко загрижена за растечкиот тренд на иселување на младите.
-Ова мора да се реши. Податоците се алармантни. Причините за нивното заминување се јасни – незадоволство од платите, ограничени можности и недостиг на доверба во институциите. Ова не е Македонија каква што ја посакуваме ниту онаа за која сме посветени да ја изградиме. Мора да се прашаме како можеме да создадеме средина каде младите не само што ќе сакаат да останат, туку ќе се чувствуваат инспирирани да се вратат и да придонесат за иднината на нашата земја. Како да обезбедиме Македонија да понуди исти или дури и подобри можности од оние кои ги наоѓаат надвор. Ова е предизвик кој не можеме да го решиме поединечно. За ова е потребно колективна акција, истакна Божиновска.
Го сподели личното искуство како студент во Чешка пред повеќе од 20 години и дека назад ја повлекла желбата да придонесе за иднината на земјата која ја сака.
Моето враќање не беше само лична одлука, тоа е заложба за вербата дека промената е возможна. Знам дека многу млади кои заминале го чувствуваат истото. Но, за тие да се вратат, мора да создадеме услови кои ќе го направат враќањето не само можност туку и реална шанса, додаде Божиновска.
Заменик-министерот за економија Марјан Ристески изјави дека приоритет на Владата ќе биде не само да ги задржат младите во земјава туку и да вратат голем дел од тие што заминале со загарантирани ранотни места или со поддршка на нови стартап-компании и да отворат бизнис во Македонија.
Соопшти дека младите панелисти што учествуваа на денешната конференција идната недела ќе бидат поканети во Министерството за економија и труд за, како што рече, помош од нивна страна за изработка на новите мерки за вработување млади луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.