Во штипските училишта нема да има реатрикции во текот на грејната сезона. Обезбедени се доволно количини енергенси и грејната сезона во училиштата, градинките и другите институции кои се под локално ниво, може да почне, изјави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

За да се обезбедат доволно средства за затоплување и осветлување, тој посочува дека ставките за непродуктивни трошоци се замрзнати.

Нема да има промена во временскиот период за затоплување на овие институции, туку со намалувањето на другите непродуктивни трошоци обезбедивме доволно средства за набавка на енергенсите и нафта за затоплување на овие институции кои се под локалната самоуправа, вели Јорданов.

Според него, позитивен сигнал е тоа што и училиштата, како и јавните претпријатија се предвидува бидат ставени на регулиран пазар, односно нема да користат индустриска струја. Ова не значи дека ќе се намалат сметките, туку ќе може да се планираат предвреме, објаснува Јорданов.

Добро е тоа што ЈП „Исар” од наредниот месец ќе биде на регулиран пазар, па ќе може да ги предвидеме трошоците за електрична енергија. Ќе може да ги предвидиме средствата коишто Општина Штип ќе ги префрла како субвенција на јавното претпријатие за истото да остане во функција и да биде сервис на граѓаните. Огромни се трошоците што ги даваме за покривање на обврските од минатото, за плаќање на камати, но и за електрична енергија, додаде Јорданов.

Училиштата и јавните претпријатија да се стават на регулиран пазар, е барање кое градоначалниците откако почна кризата, кое неколкупати го упатија до власта. Високите сметки за електрична енергија во некои комунални претпријатија достигнаа двоцифрени милиониски суми и го проголтаа целиот месечен приход.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.