Нема претседателски кандидат на кој вчерашниот ден му донесе 10 000 потписи кои се доволно за да се влезе во трката за шеф на државата, закажана за 24 април. Откако Максим Димитриевски (11391), Бујар Османи (11067), Арбен Таравари (10641) ги собраа потребните потписи, останатите кандидат останаа во борба за поддршка. Најблиску до целта е Билјана Ванковска Цветковска (9085), а мака мачи со потписите актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски (7994), кому му недостасуваат нешто повеќе од 2000 потписи.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, сѐ уште не почнале со собирање потписи.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари, ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.