Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, му честиташе на Талат Џафери за неговиот избор за шеф на техничката влада на Македонија.

Најискрени честитки до новата техничка влада на Македонија и нејзиниот премиер, Талат Џафери. И покрај временските ограничувања и овластувањата, оваа влада има предизвик и привилегија да спроведе слободни и фер избори, да ја одржи стабилноста и евроатлантскиот курс на земјата и да ја докаже способноста да биде инклузивна и кооперативна со сите фактори, без политичка и етничка разлика, напиша Бегај на Фејсбук.

Исто така оценува дека Албанците се важен фактор за стабилноста и иднината на РСМ и оти „ова е случај да докажат дека лидерството го гледаат само во перспективата на интеграција на РСМ во ЕУ“.

Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, преку објава на Фејсбук, честитајќи му го изборот на Џафери, изразува целосна увереност дека „под негово раководство новата влада ќе преземе важни чекори за консолидирање на слободен и фер изборен процес“.

Изборот на Џафери му го честиташе и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој преку објава на социјалните мрежи, оценува дека оваа одлука отвора нова ера не само во историјата на Албанците, туку и во историјата на Македонија.

Голема вест за Албанците! Честитки до мојот пријател Талат Џафери, честитки до претседателот Али Ахмети за ова историско достигнување за Албанците! Првиот албански премиер во Македонија не разделува, туку обединува. Секоја чест, пишува Велиај.

Уште синоќа во објава на Платформата Х изборот на Џафери му го честиташе премиерот Еди Рама оценувајќи го како историски момент изборот на прв премиер Албанец во Македонија.

Изборот на Џафери, како прв Албанец премиер на владата на Македонија го честитаа и лидери на други политички партии.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.