Помодрени ушиња, модринки кај косичката кои се веројатно настанати од влечење – ова е сликата од девојче кое сè уште нема наполнето три години, а кое, според кажувањата на родителите, е жртва на дефектологот кој приватно бил ангажиран за да работи со него. МВР информираше дека родител пријавил дека дефектолог кој бил ангажиран за приватни часови насилно се однесувал со тригодишно дете.
„Република“ стапи во контакт со родителите кои со огромна болка и тага во очите раскажуваат со што се соочиле во обид да му помогнат на сопственото дете да прозбори.
По препорака на пријатели ја ангажравме Е.С. да работи со нашата ќерка, која сѐ уште не зборува. Дефектологот доаѓаше кај нас дома, а по нејзино барање ние го напуштавме станот, ја остававме сама со детето, затоа што така најдобро се работело. Воопшто не очекував дека некој што работи дефектологија може да има груб однос со дете, а уште помалку да го влече за уши, да го кубе и да го тепа. Затоа и не ми падна на памет да ставам камери во домот и да следам што прават. Дефектологот повремено ми праќаше видеа од она што го работат. Сметав дека сè е во ред и покрај отпорот на ќерка ми да остане насамо со Е.С., зашто реакциите на детето ги препишував на неговиот карактер, дете кое води инает кога нешто не му одговара – раскажува Трајанка, мајката на девојчето.
Таа и нејзиниот сопруг сѐ уште не можат да се соземат од она што се случувало со нивното девојче. Велат се трудиме да останеме смирени, иако лутината и бесот се преголеми, а плачот на беспомошното дете сè уште одѕвонува во нашите глави.
Е.С. работи во градинка во Центар, детево во последниве две недели вриштеше и пиштеше од неа и дури се плаши кога ќе заѕвони ѕвонче дома. Кога ќе ѝ кажев дека ќе дојде Е.С. да работи, ќерка ми почнуваше да плаче и да покажува дека не сака. Излегував од дома со убедување дека моето дете плаче од каприц. Кога излегував од дома за да ги оставам да работат, нејзиниот отпор беше уште поголем. Ќе ме фатеше за нога и плачејќи не ме пушташе да излезам. Мислевме дека така реагира бидејќи ја тера да работи. Но, по последниот час што го имаа, кога си отиде дефектологот, ќерка ми цела се тресеше и вриштеше. Веднаш забележав дека ушињата ѝ се жар црвени. Ѝ се јавивме на Е.С. да ја прашаме дали знае зошто му се црвени ушите на детето, ми рече дека не знае, да си провериме да не е некој здравствен проблем. Ушињата почнаа да помодруваат. Сопругот ѝ се јави и многу смирено разговараше со неа, иако беше премногу бесен. Ѝ рече кажи што се случило да знаеме и да заборавиме. Тоа ѝ го кажа со намера да ја испроцовира да каже. Рече, ако ви е полесно, ќе дојдам да му се извинам на детето, да го гушнам и да завршиме со соработката. Подоцна, откако ја пријавивме во полиција, таму изјавила дека тоа го кажала бидејќи била под закана. Секако, била прашана зошто не пријавила во полиција доколку била под закана – додава мајката на трауматизираното девојче, која ги преживува и сопствените трауми.
Со денови не можам да функционирам, ме прогонуваат сликите како се ослободувам од нејзините рачиња и ја оставам сама во немилост во домот кој треба да ѝ биде прибежиште. Не знам дали некогаш ќе можам да ја симнам од плеќиве таа грижа на совест дека му верувавме на странец и не ги препознавме знаците што ни ги испраќа нашето дете.
Девојчето е однесено на преглед, а лекарите констатирале физичка повреда. Е.С., пак, изјавила дека детето само се тегнело за уши и се самоповредувало. Докторите сметаат дека девојчето е влечено за двете увциња одеднаш и дека за таква повреда е потребна сила, па дури и дека можеби е поткренато од земја додека е влечено за ушите. Која е веројатноста дете да може да се повреди до тој степен да направи страшни подливи на ушите? Дали воопшто и возрасен човек би можел да си нанесе таква повреда сам на себе?
„Република“ имаше можност да се види со малата убавица, која е мила, нежна и полна љубов. Родителите велат ужива да се гушка, никогаш не била насилна ни кон себе, ни кон други деца или пак возрасни. Не можеме да тврдиме, но од она време кое го поминавме со детето имавме впечаток дека е навистина таква како што раскажуваат нејзините родители. Девојчето реагираше на секое обраќање кон него, било да се работи да донесе нешто, да ни покаже нешто…
Ние започнавме постапка, пријавивме во полиција, чекаме сега да се изјасни обвинителството. Немавме намера сега во оваа фаза јавно да говориме, иако сметаме дека треба да се објави со оглед што дефектологот кој го ангажиравме работи во детска градинка во Општина Центар, а држи и приватни часови дополнително. Се сретнува со многу деца и би сакале да спречиме она што го помина нашата ќерка да го поминат и други дечиња. Но, откако медиумите, по информации од билтенот на МВР ја објавија пријазната, решивме дека треба да кажеме каков кошмар преживеавме. Сакајќи да му помогнеме на детето, ние само го истрауматизиравме повеќе – вели Трајанка.
Чекајќи ги одговорите што сè се случувало во домот, Трајанка ѝ ги покажала на својата ќерка снимките од часовите што ѝ ги испраќала Е.С. и уште еднаш се уверила дека пријавата е најисправното нешто што можеле да го направат во моментот.
Уште кога слушна што ѝ пуштам, се фрли на подот тресејќи се, не сакаше да гледа. Почна силно да плаче и избега, се сокри. Сакам да верувам дека ќе успееме со многу љубов и внимание, со силна поддршка да ѝ ги избришеме овие трауми – вели Трајанка.
За услугите родителите ѝ плаќале на Е.С. неделно. Ова дополнително ја усложнува ситуацијата, со оглед на тоа дека се работи за дополнителен приход на лице вработено во јавна установа и добива плата од Буџетот.
„Република“ се обиде да стапи во контакт и со дефектологот Е.С. Иако одговори на повикот, не сакаше да даде изјава пред да се консултира со својот адвокат. Сепак, откако и посочивме дека имаме изјава од родителите, се заинтересира што кажале. На нашиот одговор дека ја кажаа нивната страна и дека имаме фотографии од повреденото детенце, почна да коментира, но брзо се повлече велејќи дека ќе се види со адвокат, па потоа ќе одлучи дали ќе ни даде изјава. „Република“ останува на ставот дека ќе ја објави и нејзината страна кога таа ќе биде решена да даде изјава.
Во меѓувреме револтот на социјалните мрежи расте. Родителите се прашуваат како да бидат сигурни во чии раце ги оставаат сопствените деца после вакви случување.
Јас сум родител на дете во градинката каде што дефектологот е вработена. Како да верувам дека сега тоа дете е во сигурни раце – коментира мајка на детенце кое оди во градинката во Центар каде што работи Е.С.
Родители кои имаат деца со проблеми се прашуваат каде живееме и кој води контрола кому му се дозволува да работи со деца, било тоа да се деца со типичен или атипичен развој.
Моето дете е со атипичен развој. Од 6 месеци оди на третмани, физиотерапевт, дефектолог, логопед… Секаде сум го оставала само. Сега се прашувам дали постапувам правилно сиве овие години. И моето дете не зборува. Не можам да сум сигурна дека не поминува некаква траума. Дете како дете, знае да даде отпор кога го оставаш, но ни на крај памет не ми текнало да помислам дека може да е од иста причина како кај малото девојче. Ова е страшно. Гневна сум како родител, а особено како родител на детенце со проблеми. Доволно е што имаме мака со децата. Зарем оние кои треба да ни помогнат може да им наштетат на нашите деца?! – загрижено коментира мајка на социјалните мрежи.
Односот со детето го осудуваат и корисници на социјалните мрежи, независно од тоа дали имаат или немаат деца. На крајот на краиштата, сите ние работиме за нејзината плата, велат за дефектологот која работи во државна установа.
Па, добро, се проверува ли воопшто психичка состојба пред да се даде лиценца на некој да работи со деца или на лица со посебни потреби? И тоа ли е на нас оставено, да проценуваме дали некој има комплекси за лекување со изживување – пишува револтирана корисничка на социјалните мрежи.
Дури и професори од Филозофскиот факултетот на социјалните мрежи ја споделуваат приказната за малото девојче кое, според тврдењата на родителите, трпело насилство од дефектологот, прашувајќи – Ова ли ве учевме?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.