Што се крие зад суспензијата на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска и под какви притисоци е донесена таа одлука, засега пред јавноста не се отвораат целосно картите, пишува НетПрес во анализа за скандалозната суспензија на обвинителката која гони неколку високи функционери на СДСМ и ДУИ.
Иако, Русковска во куса изјава посочи дека не се сомнева дека зад нејзината суспензија стојат притисоци, таа одби да зборува отворено за тоа, за, како што наведе, да не заврши пред Судот за клевета. Но, напомена дека во игра е политичка позадина и загадочно посочи дека случувањата не биле водени од сегашната влада?
Но, во исто време, Рускоска откри дека била суспендирана само една недела пред распитот на сведоците за случајот „Технички испитен центар Беса Транс“, во кој е инволвиран министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како шеф на Министерството за внатрешни работи.
Процедурните дејствија во истрагата за случајот со Спасовски, кои може да доведат до кривична пријава за најмоќниот човек во власта и во СДСМ, сепак даваат една друга перспектива за суспензијата на Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од мај годинава истражува зошто МВР со месеци го чувало во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, каде бил прегледан автобусот „Беса транс“ кој се запали во Бугарија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски досега не даде одговор за тоа зошто три ипол месеци го чувал во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“ и го потпишал три дена по трагедијата на автобусот „Беса транс“ кој се запали на автопатот во Бугарија.
Покрај првиот човек на Финансиската полиција Арафат Муареми и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути од ДУИ против кои Русковска води истражни дејствија се чини дека и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски би можел да има личен интерес од нејзината суспензија.
Исто така, за суспензијата на Русковска е заинтересиран и Вице Заев, кој е дел од истрагата за рекетот во РЕЦ Битола и кој е наведен во кривична пријава за криминал и уцена од 250 илјади евра.
Со Вице не завршува антагонизмот на фамилијата Заеви со Русковска. Во акција за спречување на шверц на дрога предводена од американската ДЕА, беше уапсен Александар Ушилковскии, личен шофер на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев. При претрес на комбе пронајдена беше марихуана во вредност од 800 илјади евра. Пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола, фирма која се поврзува директно со фамилијата Заеви, Трајче и Вице.
Тогаш обвинителката Вилма Рускоска кажа дека акцијата била пробиена и некој од МВР им дојавил на дилерите дека ќе бидат апсени.
Сепак, под нејзина капа во Обвинителството се водат случаи за економски криминал и корупција и за високи фунционери токму од сегашната власт, иако Рускоска се обиде да негира некаква поврзаност со притисоци од власта. Тука, на пример се предметите за поранешните генерални секретари на оваа Влада, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири. Но „непрецизното“ негирање, на инволвираноста на „сегашната влада“ намерно или не, фрла уште поголема сомнеж зад целата оваа драмолетка, во која несомнено клучна улога имаат политички моќници.
И универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека ваквата усилена интервенција за суспензија на обвинители е по нарачка и дека најверојатно Русковска му има стапнато некому „на жуљ“.
Пред нејзината суспензија, таа очајнички побара надлежните институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сѐ Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ да ги проверат фактите и се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот, пишува Нетпрес во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.