„Вчера и денес во Собранието имаме една поинакво седница од вообичаеното. Имаме седница на која однародените ќе го дадат својот глас за предавство на Македонија, на Македонците и на се што е македонско, јазик, историја, култура и идентитет. Бидејќи како што кажав оваа седница е поинаква, јас нема да зборувам за парчето хартија кое ни е доставено како информација односно како материјал. Зошто тоа парче хартија мене не ми значи ништо. Мене ми значи народот македонски кој веќе неколку дена гневно се спротивставува на обезличувањето и предавството кое го прави власта“, истакна Даниела Христова, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.

Христова додаде дека таа знае дека нејзиното име нема да стои помеѓу однародените кои што вршат велепредавство. Таа јасно посочи дека е против предлогот и според нејзе смелост и решителност е да се каже НЕ на штетен предлог како што е францускиот.

Македонскиот јазик и македонскиот народ не се на продажба. Зарем не ви е јасно тоа, Христова ги запраша пратениците од СДСМ.

Таа потсети дека наскоро ќе наврши година дена откако се изгласа Резолуцијата за утврдување на државни позиции и со кои се поставени црвени линии. Но што се случува денес? Се случува погазување и пречекорување на црвените линии. Власта не издржа ниту една година и ги прегази црвените линии.

Не издржаа ниту година, а веќе ја продадоа Македонија. Првата точка од Резолуцијата ќе ве потсетам гласеше вака: „Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право“. И сега продолжува она што сакам да го нагласам – „без никаков условување од едната или од другата страна, и почитување на достоинството на македонскиот народ“. За жал дојде до условување. Имаме ултиматум и имаме непочитување на дадениот збор од страна на мнозинството од Парламентот, рече Христова.

Пратеничката запраша како Ковачевски се дрзна да цитира извадок од романот „Пиреј“. Како се дрзна да го сквернавува тој цитат. Името на романот „Пиреј“ за Македонците преставува втора библија. Но, некој кој става предавнички потпис за поништување на се што е свето за Македонците не смее да ја злоупотребува македонската култура и литература за да изрази чувства на патриотизам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.