Експертската и интелектуалната јавност во Македонија е бесна на премиерот Ковачевски кој вчера ги навреди нарекувајќи ги „хистерични“, дека не се разбирале како функционира Европската Унија и дека тие биле причината што цела Македонија се крена против францускиот предлог.

Сакам да им честитам на сите “хистерични експерти”, налутени граѓани, вознемирени прoфесори, лути новинари, бунтовни Македонци, гласни членови на цивилниот и невладиниот корпус кој е вистински таков, припадници на помалите политички партии и коалиционите партии на СДСМ кои јасно кажаа дека ќе излезат од Влада, на сите што беа гласни, го кажаа својот личен став и го сменија јавното мислење во Македонија и придонесоа Владата да мора да се повлече и да каже НЕ,  напиша Жанета Трајковска на Фејсбук, пренесува Алфа.

Па овој беше спремен да потпише. Само затоа што надигнавме џева ние “самонаречените експерти“ се повлече. Па уште не прогласи и за хистерични, напиша Мирјана Најчевска на Твитер.

Овие и други реакции на академската јавност следат по обвинувањата на Ковачевски дека создавале хистерија во интерес на други држави.

Изненаден сум што луѓето што се нарекуваат експерти и тврдат дека знаат како се одвиваат процесите, се тие што ја креираа најголемата хистерија во земјата. Произлезе дека тие не ни знаат како се изработуваат предлозите и како се споделуваат меѓу земјите-членки и земјите-кандидати. Произлегува дека тоа го прават во интерес на трети страни и земји, изјави Ковачевски во Брисел.

Додека премиерот Ковачевски навредува, сепак, во своето обраќање од Брисел како причини за одбивање на предлогот ги наведе токму критиките и предупредувањата експертската јавност дека мора да има гаранции за македонскиот јазик, дека историјата не смее да биде дел од преговарачката рамка и дека уставот може да се смени, но откако ќе почнат преговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.