Видеоснимката на полициска бруталност врз припадник на навивачката група „Чкембари”, која пред неколку дена се прошири на социјалните мрежи и медиумите, покажува дека употребата на прекумерна физичка сила и средба за присилба продолжува да биде честа практика на полицијата.

Покрај бројните залагања на државата да ја елиминира тортурата и нехуманото постапување спрема граѓаните од страна на лицата со полициски овластувања, граѓаните сѐ уште и честопати се жртви на полициска бруталност, која се манифестира со претепување.

Имено, на видео снимката се гледа како на 29.3.2022 (вторник), по завршување на ракометниот натпревар помеѓу ракометните клубовите Вардар и Пелистер, припадник на навивачката група Пелистер лежи на земја, додека припадници на полицијата демонстрираат прекумерна физичка сила и средства за присилба врз него, поради што лицето се здобило со телесни повреди. За целото време додека лицето лежи на земја, тоа не дава никаков активен отпор, што значи дека дејствијата на полицијата не се ниту сразмерни, ниту законски, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Ваквото постапување на полициските службеници дополнително ја продлабочува недовербата која граѓаните ја имаат во полицијата, а Македонија континуирано добива и забелешки од страна на меѓународната заедница, како што е Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување кој и во својот последен извештај за нашата држава објавен во мај 2021 година нотира пречекорување на полициските овластувања и употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници за време на приведување, во полициска станица, но и подоцна од страна на затворската полиција.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници бараат од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдат наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети. Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција по допрен глас да оформи предмет со цел водење на кривична постапка против инволвираните полициски службеници и утврдување на нивна кривична одговорност за настанот. Апелираме за овој случај, органите ефективно да ја водат постапката, што е од суштинска важност за навремено да се приберат докази, а особено поради делотворноста на лекарските прегледи и извештаи, веродостојноста на исказите на сведоците и оштетениот итн.

Единствено експедитивното и ефикасното водење на постапки од ваков вид можат да ја вратат довербата на граѓаните во правосудните органи, но и другите заштитни механизми од тортура и нечовечко постапување од страна на полициски службеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.