Вообичаено не коментирам шпекулации, и разни лаги и невистини кои иако долго не сум во политиката секојдневно се лиферуваат на социјалните мрежи, медиумите, од разни квази аналитичари, новинари, политичари и слично, бидејќи ги има толку многу што треба секој ден само тоа треба да правам, пишува во статус на фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски.
Најчесто времето и настаните со нивниот природен тек покажуваат дека станува збор за лаги и невистини а и оние кои го прават тоа најчесто со текот на времето сами себе се негираат или влегуваат во такви контрадикторности, што се станува јасно по некое време.
Сметам и на тоа дека народот после три децении плурализам, не така лесно верува на сите лаги и измислици, дека здравата логика, рационалното размислување и паметењето е доволно присутно да некои измислени афери, валкани новинарски конструкции кои поединци ги прават од личен најчесто финасиски интерес не поминуваат и повеќето луѓе се повеќе сакаат да видат уверливи докази за секојдневните озборувања, пласираните лажни тези и клевети, иако во Македонија има неколку новинари, некои т.н.аналитичари, разни безделници или платени од некои од партиите или којзнае од кои центри разни “сејачи на магла” кои незнаат поинаку да заработат за да опстанат, па во секој нивен јавен настап или пишан збор пишуваат нови и нови измислени работи, политички конструкции и фантазии поврзани со мене.
Сепак, иако мошне ретко повремено правам исклучок кога ќе почуствувам дека во некои ситуации измамите и лагите успеале да освојат позначаен број луѓе, како што е поводот за денешниот статус.
Повеќе од два месеци од одредени центри масовно се шири информација за која според реакциите кои ги добивам голем број луѓе веруваат, а тоа е дека јас сум стоел и сум бил (таен) организатор зад одредени актуелни јавни политички и медиумски активности на актуелниот градоначалник на Скопје – Данела Арсовска, но и други политички личности, новинари и медиуми кои се во очигледна јавна конфронтација со раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Всушност ваков вид на лажни информации ако добро се потсетиме се шират барем еднаш на секои 4 до 5 месеци во изминатите 4 години, секогаш кога има некакви збиднувања во партијата, најчесто кога за нешто треба да се најде виновник, да се префрли вината на друг или да се направи збрка, многу често кога на некој новинар на кој слабо му оди гледаноста или читаноста, или кога некој т.н. аналитичар, бивш, нереализиран или неуспешен политичар ќе констатира дека не е доволно актуелен во јавноста и слични ситуации.
Па така, сите тие сакаат тоа да го променат и подобрат со креирање на лажна приказна за наводни мои заткулисни активности, валкани игри, конструкции и слично и секогаш кога власта е безидејна и нема што да каже (а континуирано и безнадежно е безидејна), но понекогаш и од некои центри на опозицијата.
Бидејќи никогаш не нудат никаков доказ, најчесто одат со некакви измислени конструкции, поткрепени со некакви квази логицизми, поврзуваат разни случајности ос различни времиња од минатото, измислуваат средби и разговори кои никогаш не се случиле или пак сами си креираат приказна што се зборело на тие средби и слично, и од тоа создаваат приказна, и градат тези базирани исклучиво на лажни претпоставки, полувистини или голи лаги.
Да не должам многу и да кажам:
1. Не сум никаков таен организатор или конструктор на политичките активности и препукувања на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ниту на другите актуелни јавни политички битки на луѓе кои во минатото биле коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, десно ориентирани медиуми, поедини новинари, поранешни политичари, функционери или активисти.
2. Лажна е и шпекулацијата дека на некаков начин јас сум лобирал во партијата за Данела Арсовска да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, како и за почесен конзул на Унгарија во Штип или пак претседател на стопанската комора во времето кога бев премиер.
Не постои член на стопанската комора кај кого сум лобирал за таа да биде избрана.
Во тоа време јас не ја познавав г-ѓа Арсовска. Прв пат го чув нејзиното име кога во една прилика на еден вид проштална средба кај мене дојде нејзиниот претходник на таа позиција кој меѓудругото ме извести дека неговиот мандат завршува, дека нема повторно да се кандидира и дека тој и многу други бизнисмени планираат да ја подржат токму неа, кажувајќи неколку позитивни коментари за неа, на што јас му одговорив дека тоа е нивна работа и дека кого и да изберат, што сака да соработува со владата во интерес на стопанството, ќе соработувам со него како иден претседател на таа стопанска комора.
Подоцна до крајот на мојот мандат имав неколку службени средби со госпоѓа Арсовска, не паметам точно колку, но можеби 5 или 6, во кои главно договаравме начини за решавање на конкретни проблеми во стопанството, организирање групни средби со сите членови на стопанската комора и потоа исполнување на превземените обврски од тие средби.
Повеќе од 5 години веќе немам никаков директен или индиректен контакт или комуникација со Данела Арсовска од причина што нашата комуникација беше исклучиво службена и траеше додека извршував јавни политички функции.
За нејзиниот избор за почесен конзул на Унгарија во Штип се информирав од македонските медиуми. Од искуство знам дека најчесто такво назначување државите прават по нечија препорака, најчесто од нивните амбасади кои по барање на нивното МНР бараат добро позиционирани личности во одредени земји заради нивна промоција и други обврски кои ги носи титулата почесен конзул. Не знам кој ја прпеорачал Данела Арсковска во Унгарија, но знам дека тоа не бев јас, ниту пак со било кого сум имал разговор на таква тема.
За нејзиниот избор за подршка на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градоначалник на град Скопје исто така дознав од медиумите иако неколку недели претходно се шпекулираше дека партијата го тестирала нејзиното име на нарачаните анкети за проверка на јавното мислење од страна на партијата.
Ниту некој од раководството на партијата ме прашал за мислење за таа одлука, ниту сум дал мислење, а најмалку сум лобирал.
Како раководството на партијата дошло до таа одлука, како и преку кого претседателот на партијата се сретнал и запознал со идната кандидатка, тие најдобро знаат и доколку се процени дека има потреба можат да и ја соопштат на јавноста.
3. Лажни се и секојдневните шпекулации дека јас целосно или делумно раководам со партијата од дистанца од Будимпешта, дека Христијан Мицковски и други членови на раководството се среќаваат со мене кога доаѓаат во Будимпешта и дека јас давам некакви инструкции или на било каков начин учествувам во носењето одлуки на ВМРО-ДПМНЕ.
Прво, партијата има свое раководство и нормално е тоа раководство да ги носи одлуките.
Второ, со дел од тие одлуки јас не се согласувам, односно мислам дека се погрешни, но разбирам дека тој кој ја има одговорноста го има и правото да одлучува особено ако зад тоа стои мнозинството од членството на партијата и секако дека и јас кога сум бил претседател на партијата, сигурно дел од членовите на партијата не се согласувале со дел од одлуките и политиките на тогашното раководство, и тоа е нормална работа во една партија, бидејќи неможе сите да мислиме исто за се.
Сето она што приватно го мислам за политиките и одлуките на актуелното раководство го споделувам во приватни разговори само во потесен круг на 10-15 пријатели кои најголем дел немаат политички активности, исто како и секој друг човек. Јавно барем досега не се произнесував по однос на одлуките и политиките на актуелното рководство бидејќи не сакам да правам дополнителни проблеми во партијата, ниту пак сакам да го правам тоа што не сум сакал мене да ми го прават, а тоа е да вршам притисок и влијание за различни политички, кадровски или организациски одлуки на оние кои во моментот ја носат целата одговорност. Затоа премолчив многу настани, дури и напади, префрлања вина, обвинувања и други несоодветности, за кои многумина блиски ми реагираа дека не треба да молчам. Сепак, така е веќе пет години по избор на новото раководство на партијата.
Како што е забележливо, мошне ретко и само по исклучок во моите обраќања кон јавноста во претходниот период се осврнував на дневно политичките настани во државата и уште помалку во партијата.
Трето, потврдувам дека ниту еднаш од десетината доаѓања во Будимпешта не сум имал средба со Христијан Мицковски или некој кој е во негова придружба, ниту пак со некој од актуелното раководство на партијата (ИК и ЦК), од причина што таква средба не побарале. Зошто не побарале средба, тие најдобро знаат, но оние членови на партијата кои не се дел од сегашното раководство, кои добро ги познавам и кои побарале средба со мене, сме се сретнале на разговор кој најчесто е од пријателска природа со луѓе со кои во минатото сме соработувале.
Знам дека и членството на партијата и јавноста во голема мера се убедени дека јас се среќавам со Христијан Мицковски, па оттука веројатно и дека за ова многу членови на партијата нема да веруваат. Можеби и јас кога би бил на нивно место не би верувал па оттука воопшто не им се лутам. Сепак, мое е да ја кажам вистината, па кој верува-верува.
4. Широко распространета лага која често се повторува е дека јас сум издејствувал Христијан Мицковски да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е лага и ги повикувам сите 550 делагти, ако кај еден од нив лично сум лобирал за изборот на Мицковски слободно јавно да го соопшти тоа и да ме демантира. Еве сега веќе пет години не сум на партиска а уште подолго на државна функција, под силен политички прогон сум, во друга земја живеам и нема од што да се плашат.
И порано и сега има многу луѓе кои лажно се преставуваат како лица преку кои јас наводно испраќам некакви пораки, или зад чии став некои веруваат дека стои мојот став и слично, и тоа веројатно како проблем го има секој претседател на партија во Македонија, премиер, министер или друга моќна личност. Такви луѓе имало и ќе има.
Но, од аспект на мое лобирање кај оние кои директно го вршеа изборот, барем на еден од 550 делегати на Конгресот кои мнозинство од нив го избраа Мицковски за претседател, категорично тврдам дека такво нешто нема.
Напротив, во деновите кога уште не се знаеше кој се ќе се кандидира и колку кандидати ќе има, кога согласно статутот се собираа потписи за кандидатура, (во тоа време имаше шпекулации или информации за неколкумина можни кандидати), одреден број делегати на конгресот, (дел од нив поединечно, дел во помали групи) побараа лична средба со мене со единствена цел, да сум им дал насока за гласање.
“Нема насока”, беше мојот одговор. “Возрасни сте, искусни сте, одберете сами!” Клучно за овој мој став беше разочарувањето од некои луѓе од моето опкружување во тие последни недели или месеци, и на речиси сите од нив чии имиња се вртеа во јавноста како можни кандидати за претседател на партијата, во личен разговор им кажав дека “нема да застанам зад ниту еден од потенцијалните кандидати бидејќи сите ми се помалку или повеќе подеднакво блиски, но и од сите сум разочаран”. Ниту еден од нив не ме праша зошто од него сум разочаран. Веројатно го знаеја одговорот…
Од тие причини несакав да превземам одговорност да давам препораки, насоки и слично.
Знам дека и ова на многумина нема да им се верува. Не им се лутам, бидејќи и за неверување е 🙂
5. Се раширија и лаги дека со мене преговарале домашни структури од актуелната власт или странски преставници со цел за наводен мој договор со нив во кој тие би изработиле прекин на политичкиот прогон кон мене а за возврат јас наводно сум ветил или ќе сум помогнел за носење на некакви штетни за македонската нација одлуки во парламентот, или создавање кризи во ВМРО-ДПМНЕ.
Такво нешто не постои. Ниту сум имал такви разговори со претсавници на СДСМ или некој од власта, ниту со некои преставници на друго држави. А и доколку имало, тоа сигурно ќе било одбиено!
Впрочем доколку јас сакав на таков начин да го запрам политичкиот прогон кон мене, имав шанси, имав прилики и понуди уште додека бев во Скопје, кои категорично ги одбив.
6. Исто така со години се зборува дека јас наводно располагам со некои големи пари со кои креирам влијание и што ли уште не во Македонија, од медиуми, до секакви измислени настани, субјекти и личности. Такво нешто не постои, тоа е лага. Лага интересна за слушање на секој човек, особено лековерните карактери.
Ако некои медиуми се во сопственост на државјани на земјата каде сега живеам, тоа не значи дека јас имам влијание врз нив или уште помалку сопственост. Или дека воопшто ги познавам сопствениците.
Впрочем и односот на тие медиуми кон мене веројатно би бил поинаков, да беше така.
Речиси дека непостои посериозно политичко збиднување во Македонија каде моето име не е спомнато во овие 4 години, најчесто како лага. Тоа е вистината.
Ако секој ден не демантирам разни измамници, платеници и безделници, тоа не значи дека тоа што го говорат или пишуваат е вистина.
Едноставно, повеќето озборувања ги игнорирам. Не вреди со секого да си го трошам времето и да се расправам.
Ова е вистината.
Кој верува-верува! Кој не верува нека живее во лаги, илузии, конструкции, и фантазии кои секој ден ги слушаме низ медиумскиот и интернет простор.
Македонија е станата плодна почва за лаги и конструкции.
Луѓето пред да поверуваат треба да се запрашаат кои се доказите за одредени тврдења, дали некој не ги лаже или манипулира со некоја цел и да не прифаќаат така лесно квази логики на разни досетливи манипулатори кои добро се навежбале да манипулираат со народот па на тој начин заработуваат и живеат од тоа.
И запомнете: ако јас сакам да изразам мој политички став за било што, поддржувачки или против за нешто или некого, за одредени државни или партиски прашања или личности, тоа ќе го направам директно а не преку други! Како што и секогаш сум правел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.