Комедија и трагедија во исто време, коментира поранешниот премиер, Никола Груевски, за сведочењата во случајот „Плацеви на Водно“.

Коментарот го пренесуваме во целост:

Ристо Новачевски: Три изјави за една иста работа, сите три целосно различни.

 

Орце Камчев: Ем ја платил земјата колку што чини, ем во иста вредност станови чувал за мене на сигурно место: кај зет му!

 

Како повеќе ги притиска обвинителката односно власта преку неа, така менуваат изјави.

 

Кога во судот даваат изјави обвинети и обвинуваат други лица, тоа само по себе во нормални држави не се зема за доказ бидејќи правните експерти и теоретичари велат дека правната наука утврдила дека обвинетиот може и да лаже за да се спаси себе. Но, што од правото во Македонија во ова време се спроведува како што треба, па сега да сме сигурни дека и овде ќе се примени.

 

Еве што кажал Ристо Новачевски кога прв пат дал изјава во обвинителството за купувањето и продавањето на земјиштето (подолу фотографиите од неговата изјава со покриени лични податоци на Ристо Новачевски и името на лицето кое му понудило да стане управник на фирма на некои странски инвеститори бидејќи лицето е во меѓувреме починало и несакам да се вознемирува неговата фамилија):

 

„Во врска со кривичната пријава можам да кажам дека преку (име и презиме на сега веќе починатото лице), пред околу две и пол три години ми понуди работа, и дали сум заинтересиран да работам за странска компанија како управител, која што е заинтересирана за инвестиции во Македонија. Јас се согласив бидејќи ми беше интересна работата, а (името на починатото лице) беше комуникацијата со странската компанија и тој ги пренесуваше задолженијата. Преку него дојде и до тоа компанијата да ги купи локациите а парцелите беа откупени од физички лица. Во меѓувреме компанијата се впушти во инвестирање во Македонија и (името на починатото лице) ме информираше дека во иднина друштвото ќе биде продадено на компанијата „Кара“ што подоцна и се случи. Во меѓувреме (името и презимето на починатото лице) почина, јас бев сменет од управител и немам никаква комуникација со ова Друштво. Исто така сакам да истакнам дека лицето Никола Груевски нема никаква врска со оваа компанија ниту пак со локациите.

 

На прашање на ЈО кое е лицето (името и презимето на починатото лице), осомничениот изјави:

 

(Името и и презимето на починатото лице) е мој личен пријател кој работеше во “Македонски комуникации” и неговото својство колку што јас знам е дека тој се познаваше со компанијата и преку него всушност тие во Македонија сакаат да започнат инвестиции“.

 

Тоа е првата изјава на Ристо Новачевски.

 

Втората изјава ја дал во време додека е во притвор, веќе под жесток притисок од самиот притвор но и од влезот на сите инспекции во неговите фирми каде немало кој да потпишува па набргу ќе отишле во стечај, и таа изјава е различна од првата.

 

Таму наместо лицето кое го наведува во оваа изјава ме прикажува мене како лице кое сум го прашал дали сакал да биде управител на странска компанија која сака да инвестира во Македонија, што истиот го прифатил, па во изјавата продолжува и додава дека подоцна низ контактите се посомневал дека можеби компанијата била моја, бидејќи сум знаел премногу детали.

 

Трета изјава е дадена вчера во судот, и таа е различна и од првата и од втората. Очигледно обвинителите во меѓувреме увиделе дека се пред губење на предметот и отцениле дека втората изјава не им е доволно силна па побарале од него да ја смени.

 

Таму, во третата изјава вели дека јас сум го повикал и сум му кажал дека сакам да отворам моја градежна фирма и сум му понудил да биде управител и тој прифатил.

 

И сега судот треба да верува на обвинета личност која во три наврати дава три целосно различни изјави? Во Македонија се е можно, но да почекаме да видиме.

 

Вториот лик кој вчера за 180 степени ги смени сите негови изјави дадени досега е Јордан Орце Камчев. Тој вчера одеднаш почна да тврди дека Ристо Новачевски во 2015 година му се јавил во мое име и му кажал дека јас сакам да му продадам земјиште па тој (нормално без да провери) несакал да си има проблеми и го купил земјиштето. Додал и дека чувал на име на зет му од сестра си три стана за мене како компензација за земјиштето, а самото обвинителство пред неколку месеци изведе доказ, како и самиот Камчев дека земјиштето го платил со пари преку банкарска трансакција и во полн износ.

 

Дури и да се земе за вистина оваа изјава, која секако не е вистина, каде е тука перењето пари ако не сум примил ни пари ни станови. Нели според него чекале становите да ги примам кај член на неговата фамилија, ама не сум ги примил. Обвинителството ниту докажа дека сум платил, ниту дека сум продал, ниту дека сум примил пари или некаква компензација, ниту изборот на тие измислени пари, ниту ќе докаже, бидејќи тоа не се случило.

 

Од информациите кои дојдоа до мене Камчев на 10. Март 2022 година бил лично сам и без адвокат кај обвинителката Лиле Стефанова, кога веројатно почнал развојот на една “нова љубов” и еден “нов филм”. На една лага со која незнам како Орце Камчев ќе живее понатаму, па уште сака да ги вовлече во лагите и неговата сестра и зет за да сведочат лажно, местејќи друг човек со измислена приказна во кабинетот на обвинителот. Иста таква средба според информациите се одржала и на ден пред вчерашното судење и на денот на судењето, утрото, бидејќи судењето беше закажано во 12:00 часот.

 

Со обзир дека овој предмет кој немаше основ ни да започне, беше пред паѓање, бидејќи нема никакви ниту матерјални ниту било какви докази за да било кој судија може да не осуди (ниту пак може да има докази бидејќи дејствијата за кој не товарат се невистина), се чини дека можно е спогодбата помеѓу обвинителката да е за друг предмет за кој се води постапка за Јордан Камчев и каде можеби неговите позиции не се така добри како во овој предмет. „Па ајде ти помогни ми во овој предмет, а јас ќе ти помогнам во другиот“. Така функционира ова обвинителство и особено овој обвинител. Дали ќе биде тоа така ќе видиме, но едно знам дека Камчев погреши што одлучи од чесна одбрана да премине во нечесна и валкана битка за доаѓање до целта.
Времето ќе покаже дали сум во право.

 

Другите детали во вчерашната објава на мојот фб.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.