Како тоа новиот премиер на Бугарија Кирил Петков тврди нема македонско малцинство во Бугарија?
Каде отидоа овие луѓе и нивните наследници од овој краток 30 минутен документарен филм снимен пред само 30тина години?, пишува на Фејсбук Никола Груевски.

Од кого беше тужена и петнаесетина пати загуби на суд Република Бугарија во судот во Стразбург од каде и беше наложено да ја регистрира ОМО Илинден?
Пописите од педесетите години на 20 век, кој ги правеше во Бугарија, на кои беа декларирани 180 илјади Македонци кои живеат во Бугарија?
Училишта на македонски јазик во Бугарија немаше ли во тоа време?
Како тоа Бугарија има право да бара да се менува уставот на Македонија за да се вметнат македонските граѓани со бугарска самосвест во истиот, а темата за Македонците во Бугарија не требало ни да се дискутира? Тоа ли е големината на посилниот како што кажува во неговото интервју?
Не прилично е премиер со такво образование во очи доаѓање кај соседот јавно да кажува невистини и со тоа да ги навредува Македонците во Македонија и во Бугарија кои се негови граѓани.
Каква е таа стратегија за решавање на проблемите која се заснова на невистини?
Тоа сигурно не го научил од Michael Porter.
Јас разбирам дека не му е лесно и дека Кирил Петков има проблем во својата земја и стравува уште на почеток на мандатот да се спротистави на општо прифатените ставови во Бугарија, а поврзани со Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, но нели тој доби мандат за да направи промени? Нели се проевропска партија? Стразбург чив суд за човекови права е? Нели е европски? Нели нема друг случај во ЕУ од нејзиното создавање каде се блокира процес на приклучување заради изнудување признавање на дејствија од минатото, од историјата, од пред 70-80, или 100 години. Нели партијата која ја води и неодамна основа се декларира дека покрај антикорупциска е со проевропска идеологија?
Ако “промените продолжуваат”, дел од промените треба да биде вистинита за Македонците и за македонското малцинство во Бугарија, а таа вистина ја кажуваат самите граѓани на Бугарија со македонска самосвест кои Кирил Петков може да ги слушне во овој краток документарен филм, каде меѓу другото говорат и под каква тортура на бугарските власти биле затоа што се чуствувале и изјаснувале како Македонци.
Ако неверува во виденото, може лично и дискретно, без да ги изложува на непријатности, дел од нив да ги посети во нивните домови и без предрасуди и етикетирања да разговара со нив. Негови граѓани се, потенцијални негови гласачи се, во неговата држава живеат, издаваат и свој весник на македонски и бугарски јазик.
Ако во овој документарен филм снимен во Бугарија Кирил Петков не препознае дискриминација и потреба да промени нешто, тогаш за какви промени може да се говориме?
Добро е, и разбирливо е што се обидува да внесе позитивна енергија во процесот, но оваа почетна фаза набрзо ќе заврши и набрзо ќе треба да се соочи со суштината на проблемот кој го наследи, во која суштина отворање авионска линија, или комисии за образование со повеќе стипендии за студенти нема да е доволна за решение, а нема да помогнат ни прес конференции со контролирани прашања како денешната.
Македонците и Бугарите биле и треба да бидат блиски и најблиски народи. И ќе бидат кога политичарите кај нашиот сосед ќе престанат македонското прашање да го третираат само низ призмата на гласови на следните избори и проблемот да го оставаат на решавање на некој друг после нив. Кирил Петков ја имаа таа шанса за промени.
Конечно, потсетувајќи се на тезите на легендарниот германски социјален психолог, психоаналитичар, социолог и хуманистички филозоф Ерих Фром искажани во “Уметноста на љубовта” а повикувајки се на често употребуваниот јазик на бугарските политичари во духот дека “Македонија е детето на на Бугарија”, не навлегувајќи во исправноста на тој пристап, би рекол дека Бугарија ако толку многу се чуствува како мајка на Македонија, треба да покаже мајчинска љубов (безусловна), а не татковска (условена-направи така ако сакаш да го добиеш тоа).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.