Сметам дека самитот на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје ќе биде многу успешен. Се е подготвено, сите институции се мобилизирани за да имаме одличен и успешен самит. Гостите се на највисоко на ниво – државниот секретар на САД Антони Блинкен, па и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Ова е клучен самит поради многуте светски кризи што се случуваат во моментов, а се надевам и дека ќе се избере и следниот претседавач на ОБСЕ, вели вицепремиерот во Владата Артан Груби во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Скопје и Македонија се место од каде се испраќаат пораки за мир. Насекаде се говори за договорот меѓу Курти и Вучиќ во Охрид. Однапред им се извинувам на сите граѓани што ќе има ограничувања оти пристигнуваат многу делегации и многу новинари, вели Груби.
Во врска со претстојните избори, Груби вели дека 8 мај е опција иако се паѓа во среда.
Тоа е последен и најран термин за претседателски и парламентарни избори и така ќе останеме во рамките на редовните избори, вели Груби.
Тој за следната недела најавува лидерска средба на која дефинитивно ќе се одлучи за датумот на изборите, односно да се потврди дека првиот круг на избори ќе биде на 24 април, а на 8 мај ќе се одржи вториот круг претседателски избори и парламентарните избори.
-Ова не е по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ние видовме дека расположението на граѓаните е такво па се усогласивме со тоа, изборите да бидат заеднички за да не се трошат ни пари ни енергија на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека имаат повеќе шанса да ги добијат изборите, а не мислат на буџетот на граѓаните, оти истата партија одржуваше предвремени избори во неколку наврати, вели Груби.
Груби вели дека е трагедија тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака пржинска влада и смета дека тоа е навестување што ќе се случува ако победи ВМРО-ДПМНЕ во што Груби не верува.
Првиот Албанец премиер не беше условен со пржинската влада, туку поранешниот премиер Заев рече дека ќе се повлече од неговата позиција пред изборите за да овозможи фер политичка кампања. Пржинската влада е договор и непочитувањето на договори чинат мандати на политичките партии. И јас би предложил укинување на техничка влада, но тоа да почне да важи од следниот мандат и да продолжиме како сите нормални демократии, вели Груби.
Тој вели дека ќе има премиер Албанец и нема ништо лошо да ѝ се случи на државата со тоа како што немаше никаков проблем ни со избор на претседател на Собрание Албанец во два наврати. Целта на тоа, според Груби, е покажување дека сите граѓани се еднакви и рамноправни во оваа држава.
Јас заклучив дека е прерано за мене и мојата политичка кариера да бидам премиер и да предводам влада. Друга кандидатура би била подобра и за државата и за партијата, оти ДУИ има изградено административни капацитети за различни функции и тоа се гледа по анкетите, вели Груби.
Груби вели дека точно знаат кој ќе биде премиерот Албанец, но дека ќе остави тоа да го најави лидерот на партијата ДУИ Али Ахмети по разговорите со коалициските партнери со кои треба да се договори и начинот на кој ќе настапат на следните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.