Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска беше во посета на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), каде имаше работен состанок со членовите на Комисијата.

На состанокот, на кој присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини стана збор за тековните активности на Комисијата, како и споделување на мислења во делот на меѓусебната соработката, подобрување на перформансите и обврските на двете институции.

Вицепремиерката Грковска ги информираше членовите на ДКСК за активностите поврзани со моделот на исплата на ваучери во спортот и слабостите коишто се детектирани и најави дека во периодот што следува ќе се посвети на реализација на заклучоците од двете конференции што ги организираше Кабинетот, особено во делот на измена на Законот за спорт, заедно со Министерството за правда, Агенцијата за млади и сите останати чинители. Со свои анализи и предлози ќе се вклучи и ДКСК.

Членовите на Државната комисија за антикорупција се интересираат и за подготовката на законот за потекло на имот, при што вицепремиерката нагласи дека се уште се работи на предлог решенијата и текстот ќе биде споделен со јавноста кога ќе се изготви драфт верзијата.

На состанокот беше разговарано и за обуките за интегритет и за судир на интереси кои се организираат за избраните и именувани функционери.

Вицепремиерката Грковска и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата образложија дека меѓусебната соработка и комуникација е клучна во процесот на градење на одговорни и отчетни институции кои треба да им служат на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.