Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, на која се разговараше за важната улога во регионот која Република Македонија ја има во очите на САД како добар партнер, но и сојузник што означува уште повисоко ниво на партнерство и пријателство.
 Вицепремиерката Грковска нагласи дека стратешкото партнерство со САД за Македонија е од суштинско значење и изрази благодарност за поддршката што САД ни ја дава особено во делот на справувањето со корупцијата, како еден од најзначајните приоритети во градењето на демократски и економски силно општество.
 Заменик помошникот државен секретар Ескобар истакна дека покрај чекорите кои Владата на Република Македонија неуморно ги презема со цел остварување на стратешките цели на државата, како членка на НАТО Сојузот е безрезервно вклучена и во поддршка на Украина од секој аспект, како со донации така и со згрижување на бегалците кои се жртви на руската агресија.
 Вицепремиерката Грковска го информираше заменик помошникот државен секретар Ескобар за активностите кои се отпочнати од страна на Кабинетот за добро владеење и се она што е претстојно во насока на борбата против корупција, доброто владеење и дигитализацијата.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.