Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретна со новоназначената амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.
Вицепремиерката Грковска и посака на амбасадорката Дрекслер добредојде и плоден и успешен мандат, и и се заблагодари за континуираната германска поддршка за нашата земја во изминативе децении, во која спаѓа и експертска поддршка на кабинетот за политики за добро владеење. Таа ја информираше амбасадорката за активностите поврзани со антикорупцијата, транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството, кои се три основни столба на нејзиниот мандат.
Од страна на амбасадорката Дрекслер беше нагласено дека постои волја и подготвеност да продолжи и да се зголеми блиската соработка меѓу двете земји, нагласувајќи дека Сојузна Република Германија целосно го поддржува зачленувањето на Македонија во Европската Унија.
Осврнувајќи се на пречките и предизвиците во евроинтегративниот процес, вицепремиерката Грковска посочи дека Европската Унија не е создадена да се справува со минатото, туку со иднината и дека не смее да се дозволи актуелните политички пречки и предизвици да станат повод за раст на национализмот и популизмот во земјата и регионот.
На средбата се разговараше и за други актуелни теми, со фокус на состојбата во правосудниот систем, каде мора да се случат промени за да има ефективна борба со корупцијата и за земјата да напредува во исполнувањето на стратешките цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.