Меморандумите со Македонија ќе бидат ратификувани кога националниот интерес и програмата на Парламентот ќе го дозволат тоа, рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во одговор на пратеничко прашање од пратеникот на опозицискиот ПАСОК – Движење на промена, Јоргос Каминис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, пратеникот од ПАСОК истакна дека четири години по Договорот од Преспа и две години откако се доставени до Парламентот, Меморандумите сè уште не се ставени на дневен ред, потенцирајќи дека „станува збор за области на соработка што се многу важни од геополитички, економски и одбранбен аспект“ и побара одговор кога ќе се ратификуваат и зошто доцни ратификацијата.

Станува збор за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на воздушниот простор над земјава.

Дендиас објасни дека за т.н. „air policing“ реалноста е дека подолго време грчкото Воено воздухопловство е тоа што врши надзор над воздушниот простор на земјава, дури и без ратификација на договорниот текст од грчкиот Парламент, а за европската перспектива истакна дека „Грција дава секаква можна помош за Македонија, како и за Албанија, за да го олесни пристапниот процес, секако со добро познатата условеност во случаите на двете земји“.

Што се однесува до времето, јасно ќе ви одговорам со една реченица: Ќе дојдат кога националниот интерес и програмата на Парламентот ќе го дозволат тоа. Разбирам, има доцнење. Правилно го забележувате тоа. Правилно го споменавте времето, со право споменавте дека постои и национален интерес. Од друга страна, постои поширокиот поглед на националниот интерес, на кој секоја Влада има право. Во оваа смисла, повторувам дека кога ќе се оцени, ќе дојдат на гласање, рече Дендиас.

Каминис коментираше дека Дендиас не ја спомнал главната причина за доцнењето, а тоа е „политичкиот проблем што го има владејачкото мнозинство во внатрешноста“, бидејќи е многу пратеници на владејачката Нова демократија, особено од северниот дел на Грција имаат големи резервири и веројатно нема да постои потребното мнозинство за да бидат изгласани овие протоколи.

Не сакам да го прејудицирам ставот на нашата пратеничка група, но се надевам дека ќе можете да се потпрете на нашите гласови, истакна пратеникот од опозициската ПАСОК- Движење на промена.

Дополнително, осврнувајќи се на последните случувања на меѓународната сцена, тој побара одговор од шефот на грчката дипломатија, како Владата ги гледа односите со Македонија и дали сака нивна нормализација.

Дендиас одговори дека огромното мнозинство од Парламентот смета дека е во интерес на Грција стабилноста на Македонија и пријателските односи со Атина.

Повикани сме да одговориме, дали постоењето, стабилноста, пријателските односи со Грција и европскиот тек на Македонија е или не е во интерес на нашата татковина? И мислам дека огромното мнозинство колеги, без разлика на минатото, има одговорено дека е во интерес на нашата држава. И треба да Ви се заблагодарам за вашата изјава, која секако не е во име на вашата партија, туку е израз на духот на вашата партија, за поддршката на пошироките напори за воспоставување блиски односи со оваа земја, која морам да кажам дека има направено многу важни чекори на пријателски потези кон Грција. Ги усвои во целост европски позиции кон Турција, исто како и Албанија, објасни Дендиас.

Тој додаде дека Грција е земја „која има апсолутен интерес за стабилност на Балканот, има апсолутен интерес да спречи ревизионизам на Балканот и има апсолутен интерес да ги спречи промените на границите на Балканот“.

За Договорот од Преспа и за тоа дали Грција е задоволна од имплементацијата, Дендиас рече дека постојат одредени прашања што се однесуваат на учебниците и на трговските ознаки.

Mеѓутоа, ако прашањето се однесува на општата тенденција, она што јас го перципирам, а чувството ми е сосема скорешно, токму завчера бев во Скопје, е дека се прави напор од другата страна, со проблеми, со огромни реакции од нивната внатрешна опозиција, која одржува целосно контрапродуктивен став, но сепак се прави напор, објасни шефот на грчката дипломатија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.