„За жал живееме во една држава во која што не се казнува еден огромен криминал кој што ни се случува, една држава која што држи затвореници за 27-ми април со години во зандани и нема намера да го обнови тој процес колку што гледам, а истовремено се амнестираше кого стигнаа. Што може да се каже за една таква држава, освен дека не работат институциите“, истакна Солза Грчева, претседател на партијата „Глас за Македонија“ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Грчева додаде дека во врхушката на власта работат полуписмени луѓе кои се дојдени од разно разни невладини организации кои се од сомнителен карактер. И за жал токму тие луѓе изигруваат министри и државата поради нив пропаѓа секој ден.

Таа се осврна и на отворањето на културните клубови во Македонија од страна на Бугарија, и нагласи дека власта за да спречи отворање на ваков вид клубови требаше веднаш да реагира и да донесе закон со кој што не може културен клуб да се именува со скандалозни имиња.

„Институциите се криви, крива е и оваа држава која што навреме не донесе закон да не може кој што сака и со какво име сака да се именува клубот, со каква провиненција не е битно само името туку и намерата односно што работи тој клуб. Односно каква пропаганда шири тој клуб итн. Значи не се спречија тие појави, а сега слушаме Бујар Османи ги охрабрува да отвораат уште културни клубови во Македонија. Но, дали се тоа културни клубови, ние не знаеме. Ние не знаеме што навистина што се случува во тие клубови, а особено во овој „Ванчо Михајлов“ во Битола“, нагласи Грчева.

Таа посочи дека во Битола се кажува дека се носат на големо архиви во клубот „Ванчо Михајлов“, со што никој не е запознаен какви книги се тоа, со какви содржини се истите тие книги. А, власта нема намера за жал тоа да го спречи.

„Оваа е толку тенка Влада што нема зад себе политички капитал. Нема политички капитал во вид на големи рејтинзи и големо гласачко тело. А, кога нема такво нешто таа не смее да се дрзне да прави вакви капитални грешки, капитални проекти што ја чинат Македонија многу и по националните прашања, по идентитет, и по носење на лоши закони“, појасни Грчева.

Таа нагласи дека оваа Влада не може да бори против корупцијата бидејќи кој криминалец се бори против корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.