Институт за демократија, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка денеска во Собранието, за пратениците и претставниците на собраниските службите, организираше презентација на резултатите од теренската анкета за работата на Собранието на Република Македонија реализирана во периодот од 19 февруари до 10 март 2022 година.
Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС), потенцираше дека ова е најдолготрајното истражување на тема или институција која што постои во земјата.
„Веќе 13 години се следи перцепцијата на јавноста за работата на Собранието и мислам дека е бесценета дата база која што покажува како граѓаните гледаат на Собранието. Длабински ако навлеземе во податоците доаѓаме до заклучок дека граѓаните не сметаат дека Собранието во сите свои функции најдобро ја одразува својата цел. Со исклучок на 2010 година, оваа година имаме најниска оценка за работата на Собранието. Највисоката оценка до сега, од 3,4 покажа извештајот за 2017 година. Од тогаш има тренд на нагло а потоа и поблаго намалување на оценката на граѓаните за работата на Собранието“, нагласи Трошановски.
На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2022 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,5 која бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите четири години.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, над една третина (36%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат само за критика или реклама.
Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.
Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.