Шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, на онлајн прес-конференција изјавија дека Русија мора веднаш да ги прекине своите воени дејствија и безусловно да се повлече од целата територија на Украина за да се врати во нејзините меѓународно признаени граници. Тие додадо дека ЕУ е обединета во силната поддршка на Украина и нејзиниот народ.

Според амбасадорот Гир, меѓународната заедница се решила за целосна излолација на Русија за да го држи одговорен претседателот Путин.

Не можеме да дозволиме Русија да се извлече со инвазија врз мирољубива земја. Оваа инвазија ќе го уништи меѓународниот поредок. Која било земја членка на меѓународната заедница исто така може да се соочи со иста закана по нејзиниот суверенитет – вели амбасадорот Гир.

Амбасадорот Бомгартнер говорејќи од име на Франција како актуелен претседавач со ЕУ, истакна дека постои агресија, а агресорот е идентификуван и првиот одговор што го дава Европа и меѓународната заедница е потребата да се изолира и да се ослабне агресорот. ЕУ, вели, навистина делува во таа насока, а Франција која претседава со Советот на ЕУ е активна во потрага по таа продуктивна мобилизација.  

Двајцата укажаа на широките санкции воведени против Русија, како и кон Белорусија, кои, оценуваат дека  се на ниво кое никогаш досега не било направено, а со цел да се стави притисок на тие што се одговорни за инвазијата врз Украина.

Според Гир, обезбедена е значителна хуманитарна помош на украинскиот народ. Европската комисија веќе најави 90 милиони за Украина и Молдавија, а од почетокот на кризата од 2014 година доделена е 248 милиони евра хуманитарната помош. ЕК , додаде, исто така ќе одвои 50 милиони евра од европскиот буџет со цел да се соочи со хуманитарните последици од оваа криза. Дополнително ЕК веќе најави 1,2 милијарди евра како помош на украинската економија и исто така механизмот за цивилна заштита на ЕУ којшто ги координира одговорноста, акциите на ЕУ. 

Помагаме и на земјите членки на ЕУ да обезбедат сигурно прибежиште за бегалците. Земјите членки на ЕУ посочија дека 650 000 луѓе веќе имаат избегано од Украина и тој број се зголемува. Денеска министрите за внатрешни работи на ЕУ веќе разгледуваат можност за активација на привремена директива за заштита, да им помогне во брза и ефективна помош на луѓето кои бегаат од војната во Украина. Исто така, се дава привремен престој, пристап до образование, на пазарот на трудот и на работни места – вели амбасадорот Гир.

Францускиот амбасадор подвлече дека во однос на поддршка на Украина, активноста која што ја спроведува ЕУ е навистина забележителна.

Во тој поглед се наоѓаме во состојба на промена на односите затоа што за првпат Европа, односно ЕУ одлучи да финансира купување на оружје, дури и купување на смртоносно оружје за помош на херојскиот отпор на Украина. Надвор од таа поддршка има и масивна помош која што се доделува на хуманитарен, макроекономски план итн – изјави Бомгартнер.    

Според него, мултилатералниот систем е зајакнат, но подвлече дека Европа од сето ова е поголема и посилна.

За оние кои се уште и веруваат, Европа покажува дека не е политичко „џуџе“, туку се повеќе се наметнува како силен и незаобиколен актер на којшто можеме сега да сметаме. Мислам дека сите овие настани го зголемуваат расудувањето дека е навистина неопходно Европа да се зајакнува затоа што историјата се менува и Европа се повеќе станува сила која што сака сопствена одбрана, сопствена автономија стратешка од областа на енергетиката, но исто така и зајакнување на капацитети за сопствено производство во критични сектори. ЕУ се повеќе се афирмира како голем политички актер во светскиот поредок. И не случајно тоа се и приоритетите на француското претседателство – порача Бомгартнер. 

Амбасадорите Гир и Бомгартнер ја поздравија и улогата на Македонија, која, според нив, демонстрирала меѓународна солидарност и одговорност, веднаш се усогласила со итните санкции на ЕУ против Русија и служи за пример во рамките на НАТО, со својот придонес во реакцијата на случувањата во Украина. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.